Игри и манипулации се случуваат околу донесувањето на новиот Закон за управување со Охридскиот регион кои можат да имаат далекусежни штетни последици, а активностите кои ги преземаат општините се во спротивност со препораките на УНЕСКО, обвинува невладината Фронт 21/42. Оттаму потсетуваат дека актуелната власт во јули 2019 доби пофалба од УНЕСКО дека го усвоила Законот за управување со Охридскиот регион, но според неодамна објавениот Акцискиот план за спроведување на Планот за управување со Охридскиот регион донесувањето на Законот за управување се планира до крајот на 2020 година.

Според невладината Фронт 21/42 не држи објаснувањето на министерот Адеми, инаку одговорен за УНЕСКО и предводник на делегацијата во Баку, дека законот е повлечен затоа што општините донеле мораториум за градење.

Одговорот на Адеми не само што нема никаква логика (значењето на Законот не е само да воспостави мораториум, дополнително што истиот е многу поинаку регулиран во Законот отколку во општинските одлуки ), туку е уште една во низата флагрантни и многу очигледни невистини на оваа Влада – одлуките за ткн. мораториум општините не ги донесоа „во меѓувреме, по што Владата решила да го повлече Законот“, туку половина месец откако Законот веќе беше повлечен од страна на Владата. Инаку истиот Министер пред цела меѓународна јавност во Баку ги презентираше „сериозните заложби на оваа Влада за зачувување на УНЕСКО подрачјето“, меѓу останатите и „изработениот нацрт План за управување и консултациите со јавноста за Извештајот за стратешка оцена кои се во тек“ (на 03.07.2019) – овие консултации сега, кои всушност започнаа три месеци подоцна, на 02.10.2019. – посочуваат од Фронт 21/42.

Според невладината, прво усвојувањето на Законот, а потоа на Планот прави огромна разлика.

1. Стариот закон нема одредби кои упатуваат на прекршоци од областа на градењето и урбанизмот, така што се додека е на сила стариот Закон нема правен механизам да се спречат и/или казнат прекршувањата на одлуките за мораториум, и/или на пример градење во строго заштитената зона.

Во стариот нема ниту надлежен орган кој има законска ингеренција да врши инспекциски надзор на спроведувањето на мораториумот – во новиот Закон ова е јасно дефинирано. Не веруваме дека е случајно што во одлуките за „мораториум“ на двете општини е избегнат токму овој елемент – што ако не се спроведува и кој врши надзор (и казнување) за неспроведувањето.

2. Во новиот Закон за Охридскиот регион членот кој го уредува мораториумот навистина ја спроведува препораката на УНЕСКО – се однесува на сите урбани и крајбрежни трансформации, вклучувајќи ги и оние за кои се издадени решенија за градби и усвоени планови. Во одлуките на општините ткн. мораториум не се однесува на ваквите проекти и планови, како ни на серија други зафати (катни гаражи, паркиралишта, споменици, плоштади, итн.). „Мораториумот“ на општините не споменува ни можни трансформации „на мала врата“ и без учество на јавноста, како оние усвоени со Општ акт (урбанизација на Елшани).

3. Новиот Закон за Охридскиот регион не само што ја дефинира содржината на Планот за управување, туку и начинот на неговото донесување, како и Совет кој ќе се грижи дека планот се почитува, односно ќе управува со регионот. Според новиот Закон треба прво да се формира Советот, а потоа да се пристапи кон изработка на Планот. Во изработката и донесувањето на Планот, според новиот Закон, Советот (под претпоставка дека ќе биде составен од стручни лица) има клучна улога, исто и во неговото спроведување и мониторинг; јасно се дефинирани одредбите за транспарентност и отчетност во работењето на нејзините членови, како и губењето на статусот и исклучување на член на Советот. Новиот закон дефинира изготвување на годишен извештај за спроведување на Планот со учество на јавноста.

Во отсуство на претходно формиран Совет, јасно дефиниран во закон, Планот за управување не е ништо повеќе од „листа на желби“ без никаква употребна вредност – кој ќе го спроведува, по кои правила, за што и како ќе одговара ако не се спроведува, (итн.)?

Со други зборови, власта си дава една година вакум во кој (ко за пред УНЕСКО и сите гледачи на вести по дома) ќе има План за управување, одлуки за мораториум, регистар на дивоградби, итн. а во реалноста ќе се продолжи со реализација на се што е испланирано, договорено, ветено… Ем волкот сит, ем овците на број. – истакнуваат од Фронт 21/42.

Невладината Фронт 21/42 бара Владата под итно да пристапи кон финализирање на Законот за управување со Охридскиот регион (да ги исклучи спорните одредби) и да го испрати на усвојување до Собранието, односно доследно да го почитува законски регулираниот начин на носење правни прописи. Дури по усвојување на Законот да ја започне постапката за носење на Планот. Пред сето ова, општина Охрид и Струга да ги ревидираат своите одлуки за т.н. мораториум и вистински да воведат мораториум на сите урбани и крајбрежни трансформации, а општина Дебарца конечно да донесе ваква одлука, велат од невладината организација.

Додека ја пишувавме оваа реакција се појави нова верзија на „мораториумот“ во општина Охрид – сега не важи ни за „отпочнатите постапки за отуѓување на градежно земјиште“. Одлуката е донесена на 26.09.2019, а Службениот гласник со истата е објавен на интернет на 07.10.2019. Отуѓување на градежно земјиште значи дека општината дава нејзино градежно земјиште на некој (инвеститор) да гради наместо неа за одреден финансиски надомест, со други зборови еден чекор кон ново градење. Во истиот Службен гласник може да видите и дека општината одобрила нови градби и поголема катност – ова е јасно прекршување на препораката за мораториум од УНЕСКО, но сосема во согласност со одлуката за „мораториум“ на Општина Охрид. – посочуваат од Фронт 21/42.

OhridNews