Одговорност ќе има доколку родителите на Тамара иницираат каква и да е постапка за одговорност за смртта на малото девојче од Велес со компликации на рбетот. Бранко Аџигогов, советникот на директорката на ФЗОМ, Маја Парнаџиева-Змејкова, на новинарските прашања зошто процедурата била толку бавна и дали некој ќе сноси одговорност, остави за тоа да одлучат родителите на Тамара.

„Доколку родителите сакаат да иницираат било каква одговорност, институциите стојат во заштита на граѓаните и не би можеле да се мешаме каква е одлуката на родителите“, изјави Аџигогов.

Според обајснувањата на Фондот, случајот бил позитивно решен од  декември 2014 година.

„Би сакале да појасниме дека овој случај беше позитивно решен уште од декември 2014 година, имаше позитивно решение. Во комуникации и консултации со родителите, како и по извршените прегледи од професор Уфук, којшто е носител на проектот за развивање на спиналниот центар во државно здравство, беше констатирано дека случајот е комплициран и дека е потребно дополнителен ангажман на двајца спинални хирурзи. Воедно одлучено беше да се изврши операцијата во ‘Аџибадем’ во Турција. Во согласност и по консултации со родителите, тоа беше одлучено да се изврши по 8-ми февруари да се добие датум и осигуреничката да отиде на лекување во странство. Како што знаете, Т.Д. почина и изразуваме жалост“, рече Аџигогов.

Иако во Комисијата која го води случајот имало 14 лекари, сите ја потврдиле сериозноста на состојбата, но за комликациите од болеста надлежна била друга институција. Фондот за здравство во два наврата го одбило семесјтвото на Тамара за лекување во странство, првиот пат  во 2012, а вториот пат во 2014 година, но сепак мајката на девојчето во двата случаи преку медиумите издејствува да се добијат пари за лекување на девојчето во странство. Минатата година не дале позитивно мислење, бидејќи миселеле дека операцијата може да се изведе во спиналниот центар во Македонија, но по извршената ревизија и по самите прегледи на девојчето констатирано било дека операцијата не може да се изведе во овој центар поради комплицираноста на случајот.

Аџигогов вели дека поради комплицираноста на случајот тешко можело да се најде центар каде што ќе се оперира Тамара. Сепак, центарот во Турција се согласил и биле ангажирано дополнително уште двајца експерти за вакви операции, а терминот за операцијата требало да се добие неделава и девојчето да замине на лекување.

Хелсиншкиот комитет смета дека Тамара е директна жртва на „неефикасниот систем на здравствена заштита и немањето волја овој случај да добие позитивна разрешница од страна на Фондот за здравствено осигурување“. Оттаму најавуваат кривични пријави против одговорните во ФЗОМ и Министерството за здравство.