Чинот на подарување честичка од моштите на сесловенскиот светител, Св. Климент Охридски за новата црква во Пловдив е израз на добра волја од страна на Македонската православна црква кон бугарските православни верници, но и обид за приближување на двете сестрински цркви, појасни во изјавата за Ohridnews,  митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј.

Одговарајќи на новинарски прашања г. Тимотеј објасни дека иницијативата за подарување на еден мал дел од моштите на Св. Климент Охридски, била покрената од страна на митрополитот Пловдивски г. Николај во име на бројните верници од неговата епархија.

– Летово во посета на МПЦ беше, митрополитот Пловдивски г. Николај со повеќе официјални лица меѓу кои бизнсмени и министерот за транспорт и врски на Бугарија. Пловдискиот митрополит изрази желба, бидејќи гради еден храм посветен на Св. Климент Охридски градот Пловдив кој што е стар град од апостолско време да има честица, сосема мал дел од моштите на Свети Климент за новоизградениот храм. Во тој разговор се договоривме тој да поднесе официјално молбено барање до мене, односно до Светиот архиерејски синод на МПЦ. Мојот став беше да се одговори позитивно и доколку Синодот се согласи да ја исполни таа желба. На првата седница по добивањето на молбеното барање,  Синодот одобри сосема мал дел од моштите на Св. Климент да бидат подарени за новиот храм во Пловдив, рече владиката Тимотеј.

Подарокот кој лично го однесе митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, на македонско-бугарската граница бил пречекан од митрополитот Пловдивски во придружба на свештени лица и државни фактори, по што на официјална церемонија во центарот на Пловдив биле врачени на бугарската црква. Потоа моштите биле пренесени во црквата С. Марена во Пловдив каде биле изложени за општо поклонение пред бугарските православни верници, а утредента биле пренесени во новоизградениот храм.

– Митрополитот Николај, кој е еден од најмладите архиереи и раководи со најголемата и најбројна митрополија во Бугарија, со овој чин всушност започна иницијатива за поблиска соработка меѓу двете цркви, не навлегувајќи во прашањата на статус и други отворени прашања, рече г. Тимотеј. За него овој чин претставува конкретен пример на подобрување на односите меѓу двете цркви . „Една ластовичка не носи пролет, но ја најавува“, додаде владиката Тимотеј.

Оценка на г. Тимотеј е дека  со овој чекор се дава можност за ослободување на определени стеги што ги обременуваат меѓусебните односи. „Овој чин остава простор некои нивни архиереи да се ослободат од некои стравови од север и од југ, дека и ние сме луѓе и ние леб јадеме како и тие, дека и ние спроведуваме иста вера, веруваме во исти Господ, имаме заеднички светци кои ги чествуваме, кои тие ги чувствуваат за свои, а ние за наши. Моштите на Св. Климент кои ние ги чуваме во Охрид се на целокупниот православен свет, не се ни атински, ни српски и ни бугарски. Ние треба да сме достоинствени почитувачи, но и чувари на она што сме го наследиле“, нагласи г. Тимотеј.

За политичкиот апект на подарокот, владиката Тимотеј потсети дека бугарската држава ја призна Република Македонија под уставното име.  

– Во наши контакти, и со митрополитот Николај, и митрополитот Видински во име на БПЦ, и од градоначалникот на Пловдив и од министерот за транспорт, како и од претставникот на претседателот Георги Прванов, присутни на свеченоста во Пловдив, бевме поздравени како македонски архиереи и претставници на македонскиот народ и никој не оспори дека сме нешто друго. Поедини политичари немаат што да зборуваат, ако не наоѓаат теми за да бидат атрактивни да подгрејуваат некакви надежи за нешто што е минато, или жал за минато, но историјата не се враќа. Некогаш Охридската архиепископија била до јужна Италија, до Дунав до Молдавија. Меѓутоа денеска МПЦ или Охридската архипеископија е во границите на Република Макединија, се останато е пуста желба така да и тие можат да жалат и тагуваат за 9 и 10 век, меѓутоа тоа е проблем на некои глави, не на сите, истакна г. Тимотеј.

Во врска со евентуално враќање на дел од големото црковно и културно богатство од Охрид што се наоѓа во бугарските државни институции, г. Тимотеј појасни дека тоа е проблем и обврска на Министерството за култура и на други државни институции, а не на Црквата.

– Јас би бил среќен и благодарен и на Бугарската држава, нејзините музеи и културни институции како и библиотеките доколку пројават добра волја. Точно се знае што е однесено од Охрид, имаме списоци за изнесеното богатство кое долго време беше чувано во тајност, под изговор дека се изгубени во транспорт, но денеска се изложени и тоа може да се види. Најголем дел се изложени во Националниот музеј на Бугарија. Но дали ќе вратат е прашање на меѓународни законитости и конвенции на двете држави.  Ако не ги вратат оригиналите, би било добро да имаме барем  копии.

Оценка на митрополитот е дека ваквите поединечни гестови на добра волја не треба да се примаат како сензации.

– Тоа се први чекори и треба да бидеме мошне претпазливи, не треба ништо да пренагласуваме, зашто една крупна работа се случува на долга линија и таа патека треба  умно да ја изодиме. Тоа важи и за односите со другите православни цркви. Засега, мислам дека тешко е да се очекува нешто да се движи по нагорна линија во односите со нив, се додека не се реши прашањето со името на Република Македонија, додаде митрополитот Дебарско – кичевски г. Тимотеј. 

Горан Момироски