Партијата ГДУ бара директорката на ЈП „Билјанини извори“ да сноси одговорност за вршење притисок врз вработени за време на изборите. Оттаму сметаат дека таа треба да си поднесе оставка, а доколку не го направи тоа градоначалникот треба да ја смени. Но, засега нема никаква реакција, истакна на денеска одржаната пресконференција Даниел Јорданоски, претседател на ГДУ Охрид.

Искрено не очекувавме да наидеме на разбирање и одговорност кај директорката, но се надевавме дека градоначалникот Константин Георгиевски, ќе се одважи и ќе го осуди овој настан и незаконско дејствие и во најмала рака институциите и надлежните органи ќе си ја завршат својата обврска. Затоа уште еднаш го повикуваме градоначалникот и бараме негово произнесување по случајот и воедно го повикуваме да ја отстрани директорката од раководната функција, а со тоа и да си го обели образот. Во спротивно ќе се укаже дека и тој е дел од овие притисоци за време на изборите. – рече Јорданоски.

Јорданоски упати критики кон СДСМ за начинот на кој ја практикува власта, посочувајќи дека нема разлика со владеењето на претходниците.

Ова ли е лицето на СДСМ кое ќе ги ослободеше граѓаните од стегите на ДПМНЕ и Гордана Јанкулоска која „влечеше за уши“? Ова ли е СДСМ кое ќе овозможеше живот за сите? И ова ли е СДСМ кое ќе ја внесе Македонија во ЕУ? Со вакво молчење и заштитување на огрешените пред законот, останувате исти како вашите претходници и апсолутно не се разликувате. Во истиот момент бараме да се преземат итни мерки и да се разреши директорката Гордана Јованоска и да биде санкционирана за стореното дело. Ова е момент кога може да докажете дека се борите за правда и еднаквост пред законите. – рече Јорданоски.

OhridNews