Генералниот секретар на  Светската туристичка организација, Талеб Рифаи, вчера беше во посета на Факултетот за туризма и угостителство, каде одржа предавање на тема „Туризмот и образованието“.

Според него, постојат многу начини кои треба да бидат преземени за поголема промоција на градот во западно европските земји.

„Имав состанок со претставници на локалната самоуправа, а меѓудругото разговаравме за унапредување и развој на туризмот и негова поголема промоција. Важно беше и моето присуство на Факултетот за туризам и угостелство, а оттука ќе ги пренесам моите сугестии понатака. Има многу начини како да се промовира Охрид, а најважно е неговото поврзување. Потребни се креативни настани за привлекување туристи, со оглед на тоа што Охрид може да се спореди со многу туристички дестинации од регионот.“ – изјави  Генералниот секретар на  Светската туристичка организација, Талеб Рифаи.

Деканот Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, проф. д-р Сашо Коруновски, потенцира дека позитвното искуство на туристите при нивниот престој во градот, е најдобра промоција за привлекување гости на ривиерата.

„Се разбира дека истражувањата велат дека треба да се оди преку новите медиуми. Промоцијата на градот да оди по тие канали и се разбира, она што значи добро искуство на оние кои веќе биле тука. Тоа е најдобар начин за промоција на Охрид.“ – изјави Коруновски.

Тој истакна дека посетата на генералниот секретар на Светската туристичка организација доаѓа во прав момент, како најава за 45-годишниот јубилеј од основањето на оваа високообразовна институција.

„Не може да биде подобра најава со оглед на тоа што идната година, како институција, ќе славиме 45-годишен јубилеј. Посетата доаѓа во прав момент, бидејќи преку неа ќе ја најавиме таа долга традиција на образование и туризам во Охрид, како една од првите институции на Балканот.“ – истакна Коруновски.

Посетата на секретарот на  Светската туристичка организација Талеб Рифаи во Македонија се реализира на покана на министерот за надворешни работи Никола Попоски, со кој ќе се сретне денес. Предвидено е Рифаи да оствари средба и со премиерот Никола Груевски и да му предаде отворено писмо од кампањата на Светската туристичка организација „Глобални лидери во туризмот“, со кое се повикуваат шефовите на држави и влади да ги промовираат вредностите на туризмот при неговото унапредување и развој

O.T.