Охрид е своевиден град музеј, но и град кој живее и се развива. Културните богатства се од непроценлива важност за туристичката активност, како и можност за економски напредок. Проектот „Урбана култура“ е еден од носечките проекти на нашата програма на кој посветено ќе работиме во текот на наредниот период. Овој проект се однесува на низа инфраструктурни зафати, чија цел е градот да добие функционално решение во централното градско подрачје, рече на денешната прес конференција кандидатот за градоначалникот од СДСМ и коалицијата „Најдоброто за Охрид“, Константин Георгиески.

Почетна точка за реализација на овој проект е реконструкцијата на плоштадот „Чинар“, заедно со пешачката улица „Гоце Делчев“, кои наскоро ќе добијат комплетно нов лик и современ изглед. Реконструкцијата предвидува замена на постојниот плочник со нови гранитни плочки, замена на постојната фонтана, уредување на просторот околу чинарот, нова урбана опрема, ново осветлување. Во моментов се чека конзерваторското одобрение од Управата за заштита на културното наследтсво кое беше аплицирано на 15 јули оваа година, рече Георгиески.

Додаде дека во план е и превземање на конкретни мерки за враќање на сјајот и автентичниот изглед на охридската чаршија. Чаршијата по целата нејзина должина од „Чинарот“ до Градскиот плоштад ќе биде поплочена со гранитни плочки и ќе биде извршено унифицирање на излозите и рекламните паноа на деловните објекти.

Како најважен сегмент од проектот „Урбана култура“ е реконструкцијата на градскиот плоштад „Св.Климент Охридски“, согласно сите предвидени мерки за заштита и чување на препознатливите визури на градот. Ќе се изврши обнова на целата негова површина, ќе биде поставена автентична урбана опрема, осветлување и ќе биде извршено современо холтикултурно уредување, вели Георгиески.

Додава дека во согласност со препораките на УНЕСКО, како дел од проектот „Урбана култура“ ќе бидат преземни мерки за замена на бекатон плочките од сите локации во заштитениот дел од градот, со природни материјали, согласно староградската архитектура.

Н.С.Ј.