Серијата камерни концерти на 51-вото издание на фестивалот „Охридско лето“ се заокружува со вечерашниот настап на атрактивниот германски квинтет „Алијаж“. Квинтетот „Алијаж“ се карактеризира со голема стилска разноводност, но и тенденција за стилските миксови- како на епохите, така и на изведувачките манири. Вечерашниов концерт претставува ретка можност за сите вљубеници во звукот на саксофонот да слушнат четири саксофони во пијано придружба во прекрасниот амбиент на црквата Света Софија.

Концертот на квинтетот „Алијаж“ е реализиран со поддршка од Германската амбасада во Република Македонија.


–    На наше големо задоволство, во црквата Света Софија вечерва ќе имаме несекојдневна можност  да  го чуеме квинтетот „Алијаж“, кој е еден од најкреативните и најуспешни ансамбли на саксофон во Европа. Особено ми е драго што уметниците ја прифатија понудата во репертоарот на вечерашниот концерт да вклучат и дело од македонскиот композитор Јана Андреевска. Сакам да изразам голема благодарност до Германската амбасада во Република Македонија за поддршката во реализацијата на овој концерт – изјави музичкиот селектор на фестивалот Гордана Јосифова Неделковска.

Даниел Готје, лидерот и основачот на овој ансамбл за вечерашниот настап на Охридско лето вели дека е среќен што за првпат е во Македонија и на престижниот фестивал „Охридско лето“.

Вечерва македонската публика ќе има можност да ужива во изведбата на прекрасните дела од Чајковски, Бах, Хачатурјан. Воедно, многу ни е драго што за првпат ќе изведеме и дело од македонски композитор, Јана Андреевска, вели Готје.   

Концертот ќе се одржи во црквата Св. Софија со почеток во 21 часот. Германскиот квинтет ќе изведе дела од Чајковски, Римски- Корсаков, Глинка, Бах, Глиер, Љадов, Хачатурјан, Шостакович, Андреевска.

Ohridnews