Координациското тело на регулаторните институции за финансиска едукација во Македонија коешто го сочинуваат Народната банка на Република Македонија, Министерството за финансии, Агенцијата за супервизија на осигурувањето, МАПАС и Комисијата за хартии од вредност, во соработка со Бирото за развој на образованието и Сојузот на микрофинансиски организации започна со одбележувањето на Глобалната недела на парите (27 март ‒ 2 април). Целта на активностите во чии рамки се предвидени посети на учениците од основните и средни училишта на финансиските институции е да се подигне нивото на финансиска писменост кај младото население на Република Македонија.

Глобалната недела на парите ќе опфати посета на училишта во Велес и Неготино, Тетово и Гостивар и на 7 април со посета на Охрид и Струга, додека на 19 април за официјалното затворање на настаните се најавува голем настан во Градскиот парк во Скопје.

Глобалната недела на парите, во организација на Меѓународната организација за финансиска едукација на деца и млади, се одржува на светско ниво уште од 2012 година, во чиишто рамки се одржуваат преку 4000 активности во кои се вклучени над 6 милиони деца и млади во повеќе од 130 земји и повеќе од 1000 организации и институции. Оваа глобална иницијатива ја подигнува свеста кај младите преку учење за тоа како функционираат парите, вклучувајќи го штедењето, вработувањето и претприемаштвото. Секоја година, младите луѓе разговараат, читаат и учат за економските и за финансиските системи преку најразлични активности што ги спроведуваат државните институции. Целта на Меѓународната организација за финансиска едукација на деца и млади е да ги поттикне младите да инвестираат во својата иднина, истакнувајќи ја важноста на раната финансиска едукација, со што ќе им помогне да станат свесни за своите финансиски права, ќе им ја олесни пристапноста до финансиските услуги и ќе ги развие нивните финансиски вештини. Темата за оваа година на Глобалната недела на парите е „Учи! Штеди! Заработи!“, со намера младите луѓе да научат да штедат за својата иднина.

Меѓународната организација за финансиска едукација на деца и млади го одбележува официјалниот почеток на Глобалната недела на парите заедно со Централната банка на Германија, преку посета на ученици од основното образование во Германија и посета на Централната банка на Германија и Музејот на пари. Меѓу другото, на 30 март ќе се обрати и Нејзиното Височество Кралицата Максима на Холандија по повод Глобалната недела на парите во Центарот за посетители на Централната банка на Холандија и притоа ќе го промовира документот „Безбедни платежни производи за младите ‒ водич за младите кон финансиска самостојност“.