Сезоната е на прагот, туристите пристигнаа, а проблемот со кучињата скитници никако да се реши. Глутници кучиња со повеќе од десет кучиња се бркаат низ градскиот плоштад, во парковите, лаат, а туристите бегаат и ги заобиколуваат плашејќи се да не се најдат помеѓу нив. Ова е сликата која деновиве може да се види во најголемиот туристички центар во земјава.
Бројните реакции на граѓаните, апелите на туристичките работници и водичи, не вродија со плод. Градоначалникот Јован Стојаноски уште по стапувањето на функцијата, свика прес конференција на која беше кажано дека се преземаат итни мерки за почетно решавање на проблемот кој потоа со помош на проекти, ќе биде трајно решен.
Засега резултатите на терен не се видливи. Во меѓувреме поради недостаток од поддршка се затвора и единствениот стационар за згрижување кучиња скитници за кој се грижеше волонтер од „Анималиа“.
И додека во современиот западен свет овој проблем одамна не постои, кај нас очигледно е преголем за надлежните. Во извештаите од МВР секојдневно можат да се најдат информации за каснати граѓани од кучиња кои лутаат по градовите и населените места.
Ohridnews













