Во организација на Медитеранската академија „Браќа Миладиновци“ од 7-ми  до  9-ти јуни во Струга ќе се одржи Меѓународната литературна манифестација ,,Година на есејот”.

Годинешната манифестација која се одржува по шети пат ќе биде во чест на браќата Миладиновци и одбележувањето на 150-годишнината од нивната смрт. На неа ќе учествуваат повеќе есеисти, теоретичари и писатели од десетина балкански земји, а воедно ќе биде отворена и изложба во чест на браќата Миладиновци, што ја организира Сеучилиштето „Јосип Јурај Штросмаер“ од Осиек, Хрватска.

Овогодишен лауреат и добитник на повелбата „Академија на Медитеранот“ е Ана Багрјана, писател од Украина. За Багрјана вечерта на 8 јуни ќе биде приреден свечен камерен концерт и литературен портрет, со реч на писателката Гордана Михајлова – Бошнаковска во Центарот за култура, а воедно ќе бидат промовирани повеќе книги и ќе бидат одржани средби со значајни писатели и есеисти во Струга и Охрид.

Ана Багрјана е современ писател, есеист, поетеса, драматург, преведувач од Украина. Родена е на 24 март 1981 година во Фастив, Киевската област. Член е на Националниот сојуз на писателите и Асоцијацијата на украинските писатели. Таа е автор на голем број иниги и добитник на голем број меѓународни награди и признанија.

 Во рамки на манифестацијата ќе се одржи и тркалезната маса на тема „Ками и медитеранот (99 години од раѓањето на францускиот нобеловец Албер Ками)“.

Досегашни лауерати и добитници на повелбата „Академија на Медитеранот“ се писателите академик Луан Старова (2007), Јован Стрезовски (2008), академик Горан Калоѓера, Хрватска (2009), академик Сретен Перовиќ – Црна Гора (2010), Радомир Андриќ, Србија (2011).

OhridNews