Сите подготовки за најновото, 51- во издание на Струшките вечери на поезијата се завршени, а на средината на месец август ќе биде презентирана и програмата на манифестацијата, информираат од управниот одбор на СВП.

Оттаму потенцираат дека во рамки на најновото издание на манифестацијата ќе бидат внесени неколку новини кои ќе дадат особен белег.

–    Новина е што од оваа година сите активности ќе се изведуваат на отворен простор. Па така, за потребите на манифестацијата ќе се користат неколку локации на крајбрежјето, бини во водата. Сите препеви на песните од Миладинов ќе бидат ставени на платна кои ќе пловат.  Секое издание од манифестацијата е значајно и особено на свој начин, па затоа секоја година подготвуваме нешто ново и интересно. Годинава тоа е фотомонографијата, во која на јавноста ќе и биде претставена сета фото документација за манифестацијата , вели претседателот на управниот одбор на СВП, Славе Ѓорго Димоски.

Годинава, на Струшките вечери на поезијата ќе учествуваат над 60 странски истакнати гости, меѓу кои и неколкумина кандидати за светски книжевни награди.

Наградата  „Златен венец“ на 51- те Струшки вечери на поезијата годинава ќе оди во рацете на  јужноафриканскиот поет Монгани Вали Сероти.

Добитник на наградата „Мостови на Струга“ за најдобар поет-дебитант која фестивалот ја доделува заедно со УНЕСКО е францускиот поет Франсоа Ксавие Мегр.

OhridNews