Синоќа во домот на културата во Вевчани се одржа годишент концерт на Културно-уметничкото друштво „Дримкол“ од Вевчани. Поради големиот интерес, „Дримкол“ одржа два концерти и приреди вистинско уживање за публиката која со силни овации ја следеше и поздравуваше секоја точка од програмата.

Годинешниот концерт на КУД „Дримкол“ беше насловен „Долетало лично пиле“ според насловот на музичкото ЦД на групата „Каданка“ која го промовираше своето прво музичко издание. Групата „Каданка“ активно и успешно работи во рамките на КУД „Дримкол“ и го прати фолклорниот ансамбал на сите концерти во државава и надвор од неа како и самостојно концертира и учествува на музички фестивали. Промотор на ова музичко ЦД на „Каданка“ беше м-р Бошко Тренески, музиколог кој не ги штедеше зборовите, ниту ги криеше чувствата и искажа голема радост и почит кон „Дримкол“, „Каданка“ и кон она што ова здружение го прави за Вевчани и за Македонија.

– Ова е многу вреден музички матријал и е важен по три основи: прво затоа што се избрани изворни песни од богатата ризница на Вевчани и преку тоа се зачувува обредната песнопојна традиција на ова место. Второ, преку останатите песни се чувствува духот и традицијана на целата наша држава и трето, затоа што вакво музичко здружување на квалитетни гласови и одличен традиционален и народен оркестар за прв пат се појавува во западна Македонија, истакна во своето обраќање, м-р Треневски.  

Покрај изведбата на осум песни од ЦД-то со кое „Каданка“ ја воодушеви публиката, на сцената со свои кореографски постановки се претставија и сите фолклорни состави на „Дримкол“ презентирајќи сценски адаптации од источниот дел на Македонија и од битолско, а премиерно ги изведоа и Русалиските игри од гевгелиско, како и песните и ората од Раштак, скопско.

Од КУД „Дримкол“ најавуваат гостување низ различни градови на Македонија.

OhridNews