Пандемијата предизвикана од коронавирусот сериозно се одрази на економијата. Таа влијаеше и се уште влијае на работата на компаниите, но и на пазарот на труд. Пример за тоа е Охрид, каде голем број вработени од туристичко-угостителскиот сектор трансферираат во компаниите со технолошки напредно производство, како што е „Костал Македонија“.

Можам да ви кажам дека во последните 15 – 16 месеци од почетокот на пандемијата, голем број на вработени, посебно од угостителскиот и туристичкиот сектор активно аплицираа за работа и веќе се започнати со работа во Костал. Ние во моментов не чувствуваме недостаток на кадар, но техничкиот кадар е проблем, без разлика дали тие завршиле средно стручно образование или се од некој други бранши, бидејќи навистина треба многу време за обука за подобрување на нивните вештини, за сето она што значи роботизација и механика, процеси со кои ние активно работиме. Треба многу време и напор за тие да бидат продуктивни и квалитетни работници. Најчесто ги праќаме во период од неколку недели до една година во Германија, Велика Британија, Ирска или во нашите други локации низ Европа, за да можат побрзо и полесно да бидат обучени за процесите за кои ни се потребни. – изјави генералниот директор на „Костал Македонија“ Виктор Мизо.

Трансферот на работници од еден во друг сектор, според Мизо, се должи на последиците од пандемијата што одредени гранки силно ги почувствуваа, но и на квалитетот на понудата и сигурноста која ја нудат одредени компании.

Угостителството можеби беше најпогодена гранка во изминатиот период, но квалитетот на работа, сигурноста на работното место, можноста да потоа на многу квалитетен начин да добијат знаење, трансфер на технологии, менаџерски искуства и низ еден процес вработените да прогресираат низ нивната кариера, исто така е причина за овој тренд. Сметам дека она што во тој поглед го нуди „Костал“ е најдобро не само во регионот, туку во цела Македонија. – истакна Мизо.

Генералниот менаџер на „Костал“ смета дека најавеното отворањетна нова фабрика во ТИРЗ Охрид-Струга е позитивен момент, кој ќе придонесе за креирање на еден кластер на технолошки напредни компании во овој регион на државата, кој некогаш важеше за индустриски развиен. Но, во периодот на транзицијата на државата целото индустриското знаење во регионот речиси исчезна, поради што сега на компаниите им е потребно многу време, ангажман и секако средства, соодветно да ги обучат своите вработени за работа во технолошки напредни компании.

Г. Момироски