Саем на книга од 12 до 15 март ќе се одржи во просториите на Охрид Мол во соработка со НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид.

Во текот на саемот посетителите ќе имаат можност да најдат голем избор на книги, по саемски намалени цени, но и да присуствуваат на средби и промоции со локални автори, што дополнително ќе ја збогати културната програма. Саемот ќе биде отворен во терминот од 10 до 21 часот, секој ден. Како Охрид Мол, секогаш се трудиме да организираме настани кои носат култура, едукација и квалитетна содржина за граѓаните, и веруваме дека овој саем ќе биде убав повод љубителите на книгата да се соберат на едно место, изјави на денешната прес конференција, Марија Булеска Љаткоски, менаџер за маркетинг и настани во Охрид Мол.

Како и останатите издавачи, така и ние на сопствениот штанд ќе понудиме на продажба книги од нашата издавачка продукција, но и книги кои се за продажба, а ги имаме добиено од Министерството за култура. Се работи за дела од капиталните едиции: 130 тома македонска книжевност (на македонски и англиски јазик), sвездите на светската книжевност, врвови на светската филозофија, историја и психологија со психоанализа и други. Ние како установа од четврток до сабота во Охрид Мол ќе органзираме и три промоции на најнови дела од нашите роднокрајни автори: Мирко Томовски, Емилија Карафилоска и Марина Шикова – Димовска. Авторите во молот ќе имаат и дружба со читателите и ќе ги потпишуваат купените книги. Промотор ќе биде колегата Милчо Јованоски, додаде Трпеска.
Соработката помеѓу Охрид Мол и Библиотеката продолжува и во наредниот период. Следи уште еден интересен настан во пресрет на 21 март Светскиот ден на поезијата кој ќе се одржи на 19 март од 10 до 13 часот.

Н.С.Ј.
фото. А. Момироска
















