На автопатот Ниш – Белград, помеѓу Чуприја и Јагодина, во соседна Србија, утрово околу 7.15 ч. се случија два верижни судари во кои седум лица ги загубија животите, а околу 40 се повредени, јавува „Блиц“. Две од жртвите се македонски државјани.

Во несреќата учествувале четириесеттина возила, камиони и автомобили, на двете страни од автопатот, кој е затворен за сообраќај во двата правци.

Како што пренесуваат српските медиуми, паралелно се случиле две сообраќајни несреќи, една во правец Белград – Ниш, а другата во правец Ниш – Белград и тоа на исто место.

Во првата несреќа загинале три лица, а десет се повредени. Во неа учествувале десеттина возила, а два камиони се запалиле.

Во вториот судар загинале исто така три лица, а повеќе од 10 се повредени. Во сударот учествувале девет камиони и неколку патнички возила.

Причина за сообраќајните несреќи е густа магла и намалена видливост на околу 10 метри.

На местото на настанот има голем број амбулантни и противпожарни возила, а сообраќајот на овој дел од автопатот се пренасочува преку алтернативни патишта.

OhridNews
извор: „Блиц“