Освоени први награди на натпревари по математика, сребро и бронза на математичка олимпијада, максимални сто поени на Регионалниот и Републичкиот натпревар по физика. Ова е патеката со успеси по која се движи 14-годишната охриѓанка Емилија Николовска која во моментов се подготвува да замине на Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки во Доха – Катар, што ќе се одржи од 3 до 12 декември.

Можноста да учествува на олимпијадата во Катар, Емилија ја добива со остварениот успех на Републичкиот натпревар по физика, по што оди на првиот селекционен натпревар, одржан во јуни годинава во Скопје на кој учествуваа ученици до 16 години. Освен фзика, се полагаа и задачи по хемија и биологија.

  • Предметите хемија и биологија не ми беа омилени, но сепак го совладав материјалот. Тогаш бев осмо одделение, но го совладав и материјалот за деветто одделение и на натпреварот освоив најмногу поени, раскажува Емилија.

Заедно со уште 13 ученици учествува на вториот селекционен натпревар на кој полагаа според зададен материјал до четврта година средно образование. Време за подготвка имаа нецели два месеца.

  • Се подготвував целото лето за вториот селекционен натпревар, бидејќи материјалот беше многу тежок. Откако го поминавме првиот селекционен, ни дадоа список со учебници до четврта година средно и ни кажаа дека треба материјалот да го совладаме. Моите родители ангажираа професори од средно училиште кои ме подготвуваа, вели Емилија.

На вториот селекционен натпревар на Природно-математичкиот факултет во Скопје, четиринаесет ученици меѓу кои и Емилија, решаваа задачи и проблеми од областите предвидени со програмата на Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки. Според покажаните резултати, Емилија е второрангирана и влегува во најдобрите шест кои заминуваат во Катар.

Најголемата поддршка Емилија ја има од своите родители кои со многу труд и упорност ги отстрануваат препреките на патот кон успехот на својата ќерка.

  • Поддршката е неопходна, само талентот не е доволен, бидејќи за да се оди напред мора да се учествува на натпревари, да се патува, за што се неопходни средства и време. Поддршка најпрво треба да се има на локално ниво, па понатаму. За жал, државата многу не е заинтересирана, потенцираат родителите на Емилија.

Младата талентирана охриѓанка, паралелно со подготовките за натпреварот, успешно ги совладува и секојдневните училишни обврски. Како што вели: „Има време за се, потребна е само добра организација“.

Повеќе од сигурно е дека Емилија ја очекува успешна иднина во областа на природните науки. И таа, како многу млади, планира да замине од Македонија.

  • Во странство има подобри услови за школување. Сакам да продолжам да ги изучувам физиката, математиката, информатиката. Во иднина, своето работно место го гледам во некоја современа научна институција, вели младата Емилија.

На Олимпијадата во Катар заминува на 2 декември заедно со тројца професори и останатите пет учесници од Македонија, кои во меѓувреме ги подготвуваат професори од Природно математичкиот факултет.

Независно од тоа што ќе се случува на олимпијадата, Охрид со право може да биде горд на Емилија и другите млади таленти од градот, чиј успех често зависи или изостанува поради недоволната поддршка од институциите и државата.

Тања Кувенџиска