Охриѓанецот акад. проф д-р Љупчо Кеверески од Педагошкиот факултет во Битола изработи „Прирачник за родители на надарени и талентирани деца“, значајна литература што нуди практични насоки и совети за препознавање, поттикнување и развој на потенцијалите кај децата.

Прирачникот, како што информира Кеверески, претставува заеднички академски проект реализиран во соработка м-р Ана Блажиќ од Универзитет Ново Место Р. Словенија.

Во него се обединуваат македонските и словенечките искуства и добри практики во препознавањето, развојот и поддршката на надарените деца, со посебен акцент на улогата на семејството како клучен фактор во развојот на талентот. Заедно со родителите, обединети околу талентот – посветени на иднината, вели Кеверески.

Содржините во прирачникот можат да бидат од голема корист за родителите во нивната секојдневна поддршка на напредните вештини, знаења и интереси на своите деца, вели министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Упатувам искрена благодарност до професорот Кеверески за овој придонес и ги охрабрувам родителите да го прочитаат и да ги применат препораките што ги содржи, посочува Јаневска.

Воедно, потсетува дека Министерството за образование и наука предводи процес на подготовка на Национална концепција за откривање, развој и поддршка на надареноста и талентите во Македонија.

Во документот ќе бидат предвидени конкретни мерки за навремена детекција, развој и стимулација на извонредноста кај учениците. Во процесот активно се вклучени повеќе институции и експерти, така што сигурна сум дека ќе добиеме квалитетен документ кој за прв пат системски ќе ја уреди оваа област, додава Јаневска.

OhridNews