Охрид станува атрактивен за организација на „team building“ настани и маркетиншки промоции на големите компании и нивните претставништва во Македонија. Компанијата „Алма – М“ која повеќе од 23 години успешно работи на македонскиот пазар како застапник на светски познатите брендови “Wrigley”,“Nestle”, „Purina“, „Zott“, „Mogyi“, „Karina“, “T-Home” и “T-Mobile”, на плажата „Лагадин 10“ организира дванаесет часовна забава на која присуствуваат вработените од цела држава.
–Секоја година компанијата организира целодневна забава. Бидејќи доаѓаме од различни делови на Македонија, целта е сите да се собереме на едно место, да се дружиме и тимот да се сплоти како би функционирал подобро. – вели Василка Анчевски од компанијата „Алма-М“.
Забававата започна рано изутрина со традиционален доручек во комбинација со продуктите чиј застапник е оваа компанија, а присутните имаа можност да ги покажат и спортските вештини во натпреварите во мал фудбал и пинг-понг.
–Охридскиот ѓеврек и ѓомлезе ги комбинираме со производите од сите наши брендови, а тука е пијалокот „Mad bat“ кој не поттикнува да бидеме свежи цело време. На крајот од забавата имаме скара на плажа, а за десерт сладоледи од Nestle со кои се освежуваме – додава Анчевски.
Инаку, “Алма-М” е увозник и дистрибутер за производите на компанијата “Wrigley” за Македонија и Косово и дистрибутер на производите на “Nestle”, “T-Home” и “T-Mobile”. Според информациите од Централниот регистар на Македонија за 2010 година, “Алма-М” се наоѓа на 42-то место на ранг-листата на 200 најуспешни македонски компании.
OhridNews