Изградбата на горната палуба со седишта за патници влијаела на несреќата на бродот „Илинден“ кој на 5-ти септември потона во близина на авто кампот „Елешец“, при што се удавија петнаесет бугарски туристи. Ова како што дознаваме го воочила Комисијата за утврдување на несреќата во која членуваат експерти од Македонија, Хрватска и Бугарија.


Горната палуба влијаела на стабилноста на бродот “Илинден“

Покрај кинењето на сајлата од системот за управување и претовареноста, Комисијата се сомнева дека на несреќата влијаело и тоа што бродот имал седишта за патници на горната палуба со што била намалена стабилноста на пловниот објект. „Илинден“ не бил класичен патнички брод, туку воен брод, кој подоцна е преадаптиран за комерцијални крстарења и експертите сметаат дека горната палуба ја нарушила стабилноста на бродот.

Поради тоа Комисијата најверојатно ќе бара информации и од овластената копманија за технички преглед „Лојд“ од Германија, околу извршената проверка на бродот „Илинден“, која била направена во мај оваа година. Бродот „Илинден“ го минал последниот технички преглед, поседувал уредна документација и бил регистриран до мај 2010 година.

Ohridnews