Со низа свечености, манифестации, промоции и други културни настани што ќе се одржуваат во текот на целата година, ќе биде одбележан јубилејот 1000 години постоење на Охридската архиепископија, чија наследничка е Македонската православна црква. Централната прослава е утре вечер во катедралната црква Св. Софија каде ќе се одржи свечена академија на која покрај црковните великодостојници ќе присуствува и државниот врв. Претходно во Свети Климентовиот храм Св. Пантелејмон на Плаошник ќе се одржи молебен. Црковните свечености ќе продолжат во понеделник со богослужба во Св. Софија каде ќе чиноначалствува Архиепископот Охридски и Македонски Г.Г. Стефан.

Но, дел од научната јавност смета дека прославата на 1000-годишниот јубилеј нема врска со Охридската Aхиепископија. Угледниот историчар на уметност и признат научен истражувач Гоце Ангеличин Жура, тврди дека одбележувањето на овој јубилеј не соодветствува со историските факти и ги доведува во прашање постоењето на Самуиловата држава и наследството од Јустинијана Прима.

-Оваа година по мое мислење требаше да биде година на жалост, затоа што точно пред 1000 години е уништeно македонското царство на Самуил, а како второ тогаш е деградирана Охридската Патријаршија во Архиепископија од страна на Василиј. Апсурдно е кога Василиј ја уништил Охридската Патријаршија и го уnиштил македонкото царство или држава тој да ја основал архиепископијата. Ако толкуваме според овој јубилеј, Јустинијан немал архиепископија, a Самуил немал држава, штом нема црква нема држава, а мора да имаш патријаршија за да се крунисаш во цар, тогаш можеме слободно да земеме некои посредници и да ги преименуваме Самуиловата тврдина и другите знаменитости, ова е апссурд во науката. – вели Гоце Ангеличин Жура.

Повикувајќи се на бројни објавени научни трудови на експерти, но и на црковни великодостојници, Жура укажува дека Охридската црква била самостојна многу пред 1018 година и дека во времето на Самуил таа била патријаршија, а корените ги влече неколку векови порано, што е забележано и во првата научна енциклопедија издадена од МАНУ. 

-На страна 1092 пишува: Охридска Архиепископија – Патријаршија, автокефална православна црква создадена во времето на Самуиловото царство. Основањето на самостојната црква во Македонија според едни истражувања се темели на традициите создадени на автокефалната архиепископија на Јустинијана прима, што значи дека МАНУ признава дека Охридската црква потекнува од Јустинијана. – истакнува Жура. 

Жура појаснува дека во Охрид се проповедало христијанството пред тоа да биде прогласено за официјална религија. 

-Во 343 година на црковните собири во Константинопол се споменуваат охридските епископи Зосиман, Дионисие, Антоние, Лаврентие. Тоа значи дека кон крајот на 4 век во Охрид морало да има изградени светилишта каде се покрстувало населението. Во времето на Јустинијан Втори во VI век, Охридската епископија тој ја подига на ранг на Архиепископија во 534/5 година на чие чело бил Кателијан. – цитираше научни факти од бројните енциклопедии кои додека разговаравме ги имаше пред себе Гоце Ангеличин Жура. 

Навраќајќи се во историјата Жура посочува на пишувањето на Св. Климент дека обновил запустен манастир. И познатиот научен истражувач од Охрид Борис Чипан пишува дека под Св. Софија прво имало базилика, па била соборната црква на Јустинијан, па Самуиловата патријаршија, па Св. Софија, истото тоа го открил Св. Климент, додава Гоце Жура. 

-Нумизматичарот Даница Бачева во својата книга за монетите зборува дека се најдени многу монети од времето на Јустинијан на Плаошник. Потврдата дека Јустинијан бил овде и дека Јустинијановата патријаршија има историски податоци. – вели Жура. 

Тој објаснува дека при истражувања на островот Ахил во Грција, пронајдена е фреска на јужниот ѕид на која е насликан Св. Климент потпишан како Св. Климент Охридски – Архиепископ. Повеќе такви фрески се пронајдени и во Албанија. 

-Во книгата „Нашето свето православие“ на Архиепископот Михаил пишува: На малиот остриов Ахил во апсидата на големата црква на фреска се наоѓаат 12 епископски стола, со престол епископи што налага дека цркават имала Синод. Според најновите научни откритија се верува дека сме имале архиепископија во времето на Самуил. – истакнува Жура. 

Тој е дециден дека Охридската Архиепископија немала никаква врска со бугарската, српската или грчката црква, туку била самостојна и влече корени до Јустинијаново и Самуилово време.

-Иако Василиј во 1018 година ја уништува Самуиловата држава, а Охридската патријаршија ја симнува на ниво на Архиепископија, таа не е под јурисдикција на патријархот во Цариград туку е самостојна, под директива на самиот цар. Во најновите книги самите руски големи научници велат дека Охридската црква е мајка на Руската црква под која потпаѓа се до 1037/8 година. – појаснува Жура. 

Според Жура кој веќе десет години работи на мапирање на најзначајните сакрални објекти во Охрид од периодот на антиката до денес, негирањето на научнните факти за Охридската архипекископија претставува искривување и негирање на сопствената историја. 

-Ние откривме, забележавме или имаме индиции за преку 20 ранохристијански базилики и преку 45 цркви. Ова како што прпизлегува дека Василиј во 1018 ја основал Охридската Архиепископија, тогаш ако не ја признаваме Јустинијана Прима сите овие базилики не постоеле во Охрид. Чии се овие зданија кои пркосат на времето речиси 1500 години? – прашува историчарот на уметност Гоце Ангеличин Жура. 

Г. Момироски