Група граѓани со барање-надлежните да постават автобуски постојки, кои ќе се заштитени од временски неприлики на патот Охрид-Свети Наум, кај Свети Стефан, и на улицата кај градските гробишта. Велат-овие две локации се навистина фреквентни, повозрасни граѓани чекаат автобус, но немаат ни каде да се засолнат, ниту пак каде да седнат.

  • Да постават постојка и барем една клупа за потседнување на станицата кај градските гробишта. Треба да знаат дека сите немаме  сопствени возила и мака мачиме кога чекаме некаков превоз за враќање кон градот. Понекогаш чекаме повеќе од еден час, изложени на сонце, дожд или ветар. Истото се случува и во Свети Стефан на станицата кога се враќаме од Кардиолошкиот центар, велат повозрасни граѓани.

Од локалната самоуправа информираат дека во согласност со Годишната програмата за уредување на градежно земјиште, во тек е подготовка на Јавен оглас за набавка на опрема за девет автобуски постојки, кои ќе бидат поставени на неколку локации на подрачјето на Општина Охрид, за што се предвидени 972.601 денари. Според планот, предвидено е поставување и на автобуска постојка кај Градските гробишта, во рамки на линискиот превоз на патници.

Во однос на автобуската станица кај Свети Стефан, велат дека во текот на наредната година е предвидено опремување на автобуските постојки кои се дел од линискиот превоз на потегот од Охрид до манастиркиот комплекс „Свети Наум“, со што ќе биде опфатена и автобуската постојка кај населбата „Свети Стефан“.

Т.К.