Хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ, која е во официјална посета на земјава, по средбата со Ѓорге Иванов, претседателот на Македонија, изјави дека двете земји имаат одлични односи и дека нема отворени прашања меѓу нив. Китаровиќ нагласи дека Хрватска ја поддржува Македонија на патот кон ЕУ.

„Хрватска е подготвена да го понуди своето искуство и помош. Посакуваме што поскоро Македонија да го изоди патот кон ЕУ и да биде побрза од соседите кои пред неа почнаа со преговори“, рече Китаровиќ.

За време на прес-конференцијата настана проблем со преводот, поради што дел од нејзиниот говор не можеше да биде симултано преведуван на македонски јазик. На тоа, хрватската претседателка рече дека Македонците го познаваат добро хрватскиот јазик.

Китаровиќ изрази надеж за успешно завршување на преговорите со Грција за спорот за името и побара од државата поддршка за активностите на хрватската заедница во Македонија.

OhridNews

Макфакс