Во завршна фаза е реконструкцијата и проширувањето на аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид. За околку два месеци, ќе добиеме целосно нов модерен аеродром, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, кој денеска зедно со директорот на ТАВ, Неџат Курт, извршија увид во градежните работи.
Вицепремиерот Николоски истакна дека оваа модернизација на охридскиот аеродорм е за прв пат од неговата изградба и треба да овозможи зголемување на капацитетот на патници и бројот на нови авиолинии.
Реконструкцијата и надградувањето на охридскиот аеродром е нешто што долго време му требаше на аеродромот и еве конечно се случува. Некаде за два месеци од денес ќе имаме аеродром кој што ќе изгледа како вчера да се изградил, целосно ново решение, проширување на терминалната зграда, проширување на делот за слетување, проширување на делот за полетување, значи за патници на доаѓање, патници на заминување што дополнително ќе значи голем економски стимул. Ако на тоа го ставиме и автопатот Охрид-Кичево, делот кој што води до аеродромот, гледате дека веќе е завршен, за брзо време ќе имаме отварање на нови делници од овој автопат, тоа значи една целосна преродба за целиот регион. Би сакал тука да се заблагодарам на изведувачите за одличната работа тука на аеродромот и за работата на популарната Воена болница, градската болница во Скопје, каде што за прв пат се случи реконструкција по нејзината градба и во моментов имаме најмодерна болница буквално од Атина до Виена, истакна Николоски.
Градежните работи напредуваат успешно истакна по увидот генералниот директор на ТАВ Македонија Неџат Курт, посочувајќи дека 65% од целиот проект за реконструкција е завршен.
- Просторот за заминувања се проширува за 100 квадратни метри и моментално се завршени 85%. Еден преостанат дел од овој простор е сè уште во изградба и ќе има стаклени ѕидови и стаклен покрив.
- Новите шалтери за пријавување се веќе инсталирани и се целосно функционални.
- Новиот систем за ракување со багаж е исто така инсталиран, а дел од системот веќе е во функција.
- Новите канцеларии за нашиот оперативен персонал во безбедносно-контролираната зона, лоцирани овде зад нас со површина од 270 квадратни метри, се во напредна фаза на изградба, со завршеност од 62%.
- Проширувањето на административната зграда, кое го видовте на почетокот од денешната обиколка, е речиси завршено – моментално со 95%. Зградата ќе се прошири од 290 квадратни метри на 746 квадратни метри.
- Генерално, во моментов 65% од целиот проект за реконструкција е завршен, посочи Курт.
Овој проект за реконструкција, во кој ТАВ Македонија инвестира 2,7 милиони евра, ќе му даде на аеродромот во Охрид сосема нов изглед и значително ќе го подобри искуството на патниците со обезбедување поголема удобност, ефикасност и практичност. Исто така, ќе создаде подобри услови за работа за нашите вработени и нашите институционални партнери, вклучувајќи ги и Полицијата и Царината. Модернизацијата на аеродромот во Охрид дополнително ќе го позиционира регионот на Охридското Езеро и на Македонија како една од најатрактивните и најпристапните туристички дестинации во Европа, рече Курт.
Г.М.

















