На мое огромно задоволство ја имав честа да бидам дел од завршната церемонија на 12-та Школа за млади лидери која се одржува под покровителство на Ѓорге Иванов, поранешен Претседател на Република Македонија, напиша на фејсбук профилот градоначалникот на општина Охрид, Кирил Пецаков.

Годинешната тема ,,Лидерство во акција”, тематски, а верувам и содржински, се поклопува со предизвиците со кои се соочува Македонија, како на внатрешен, така и на надворешен план. Живееме во време кога широка и коренита општествена акција ни е насушно потребна. Но во исто време бара рационални и мудри одлуки кои ќе имаат далекусежни позитивни последици за севкупниот развој на Македонија и нејзиното етаблирање како просперитетна држава. Се надевам дека оваа школа како расадник на лидери ќе продолжи и во иднина по патот кој го има одамна трасирано, рече Пецаков.

Годинашната школа се одржа во комбинирано издание, онлајн и со две сесии со присуство во живо, едната во Скопје и втората сесија на свеченото затворање во Охрид. На школата земаа учество четириесет учесници и петнаесет предавачи од Македонија и од странство.

Инаку, школата за млади лидери е иницијатива на Ѓорге Иванов која започна на почетокот на неговиот прв мандат. Првата Меѓународна обука за млади лидери се одржа во 2010 година. Оттогаш, во текот на досегашните 11 обуки на кои учествуваа околу 440 млади луѓе од земјата и од странство, предавања одржаа над 220 реномирани предавачи од земјава, Европа и светот.

Во 2018 година, проектот Школа за млади лидери на Претседателот Иванов, е прогласен за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели.

OhridNews