Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков денес при посетата на компанијата „ОДВ Електрик“ оствари средба со генералниот менаџер, Огнен Цубалевски. На средбата станало збор за процесот на производство на фабриката и за идните планови за развој на компанијата во Охрид.
Во изминатиот период компанијата „ОДВ Електрик“, дел од својот производствен капацитет кој се наоѓа во Украина, го има префрлено во Охрид и со тоа бројот на вработени во изминатиот период е пораснат за неколку стотини, вели Пецаков.
Изразив благодарност, вели Пецаков, што компанијата го одбра токму ова место за инвестирање и ја истакнав подготвеноста на Локалната самоуправа да се излезе во пресрет на нивните потреби се со цел забрзан развој и зголемување на бројот на вработени во компанијата.
Претходно испратив официјално писмо со кое ги повикувам странските компании кои веќе имаат инвестирано во Охрид, доколку своите производствени капацитети од Украина ги преместуваат, нивниот избор да биде Охрид, бидејќи во Општина Охрид може да гледаат како на партнер кој ќе им излезе во пресрет за остварување на нивните планови, додава Пецаков.
Бројот на вработени во моментов во „ОДВ Електрик“ е околу 800 луѓе што, вели Пецаков ја прави еден од најголемите работодавци во регионот.
OhridNews













