Советот на Општина Охрид денеска одржа вонредна седница на која со едноминутно молчење им беше оддадена почит на жртвите во бродската несреќа што во саботата се случи на Охридското Езеро.


Во име на советот претседателот Душко Јаковчески изрази длабока жалост за изгубените животи, а свое обраќање имаа и градоначалникот на Охрид Александар Петрески и конзулот на Република Бугарија во Македонија, Наум Кајчев.


Првиот човек на градот истакна дека со ништо не можат да се надоместат загубените животи, но изрази уверување дека несреќата ќе ги зближи граѓаните на Македонија и Бугарија.


Конзулот Кајчев изрази голема благодарност до граѓаните на Охрид кои несебично помогнаа во спасување на преживеаните. Кајчев очекува истрагата до крај ќе го расветли инцидентот, бидејќи, како што рече, тоа не е важно само за бугарската јавност туку и за самиот Охрид кој претендира да биде светска туристичка дестинација.


Советот денеска донесе одлука општинска делегација да присуствува на погребот на жртвите во Бугарија и ги откажа сите предвидени свечености по повод Денот на независноста.


Градскиот совет им оддаде почит на загинатите во бродската несреќа

Ohridnews