Оваа недела на Кејот „Македонија“ неколку згради кои се истакнуваат со својата забележителна архитектура осамнаа ишарани со графити.
Жителка на Охрид револтирана од ваквото деструктивно однесување, вели дека заедницата има сериозен проблем со однесувањето на младите.
-На крајот на неделата кога ноќниот живот во градот е особено жив, за жал позната појава е млади, често под дејство на алкохол или други супстанци, во текот на ноќта да се движат бучно по кејот и во стариот град. Притоа многумина од нив го нарушуваат ноќниот мир и прават оштетувања на градските добра, деградирајќи ги моралните вредности на младите. Бидејќи не се доволно контролирани од надлежните органи тие се однесуваат несовесно и агресивно. Така група непознати хулигани си дозволија да ја испишат со графити фронталната фасада на куќата-Споменик на културата на Кеј Македонија. Пред една година фасадата на истата зграда со специфична архитектура беше реставрирана од страна на Н.У. Завод и Музеј, а со средства од Министерството на култура. Со овој вандалски акт е оштетен и грубо е осквернавен овој репрезантивен споменик на архитектонското културно наследство, кој е гордост на градот Охрид. – истакнува револтираната охриѓанка.
Посочува дека ваквите дејствија претставуваат кривични дела кои се строго казниви и треба да се санкционират според законските прописи. Апелира со посебна грижа да се води сметка за воспитувањето и однесувањто на младите, за тие одговорно и совесно да се однесуваат чувајќи ги градските добра, а сторителите на ваквите и слични агресии да се казнуваат.
OhridNews













