Се поголем е бројот на граѓани кои реагираат на блокирани и заземени јавни површини за лични потреби на поединци. Жители на улицата „8-ми септември“ со допис се обратија до оредакцијата на OhridNews во кој го изразуваат своето незадоволство што дел од тротоарот на пресекот на оваа улица и „Никола Карев“ е искористен за садење зеленило. Со тоа, велат граѓаните, се доведува во опасност движењето на пешаците, особено младите кои го посетуваат основното музичко училиште „Методи Патчев“.
Од надлежните бараат да реагираат во ваквите случаи и да преземат мерки против оние кои ги окупираат јавните површини. Велат реагирале и до надлежниот инспекторат, но до сега не добиле никако известување за преземени санкции.
Ваквите случаи се чести во Охрид. Голем број угостителски објекти и граѓани тротоарите ги користат како свои имоти и поставуваат маси и столици, отежнувајќи го движењето на пешаците кои се принудени да одат по коловозите.
Ова беше и причината што угостител од улицата „Јане Сандански“, побара од градоначалникот да добие одобрение да постави урбана опрема на тротоарот пред неговиот објект, прашувајќи која е разликата меѓу тротоарите во центарот на градот и оние на останатите улици.
OhridNews











