Со транспаренти, патриотски песни, скандирања Македонија – Македонија! и Иванов – Иванов!, неколку илјади граѓани попладнево маршираа низ улиците на Охрид во знак на протест против политичкиот договор и прифаќање на платформата на партиите на Албанците кои, меѓу другото, бараат употреба на нивниот јазик како втор службен. Тоа според учесниците на протестот претставува закана за унитарноста и вовед во редефинирање на државата.

– Дојде време да го одбраниме македонскиот јазик. Јас како писател морам да застанам зад македонскиот јазик, зад унитарноста на македонската држава. Треба да знаеме сите дека тука од Охрид започнува таа Свети Климентова традиција врз која ја базираме Македонската православна црква, тука се темелите на Европа и затоа како писател почувствував потреба да застанам зад Македонија. – истакна писателот и поет Зоран Пејкоски, добитник на наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема во 2016 година. 

Покрај Пејкоски кој го прочита прогласот на Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, на учесниците на мирниот протест на градскиот плоштад им се обратија претставници на помалите етнички заедници во градот и јавни личности, меѓу кои и актерот Горан Стојаноски, кој подвлече дека Македонија не е двоетничка, туку мултиетничка држава.

Протести на Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ вечерва има во повеќе градови во земјата.

OhridNews