Тимот студенти на насоката Гастрономија од Факултетот за туризам и угостителство-Охрид ја освоија Гран При наградата на XVIII меѓународен гастрономски натпревар во Истанбул, Република Турција во конкунренција од преку 700 натпреварувачи. Македонскиот тим на натпреварот го сочинуваа Христијан Јорданоски, Роберт Тодорчев и Стефан Аврамоски кои  се закитија со две златни, една сребрена и три бронзени медали во индивидуална категорија.

На последниот натпреварувачки ден 25ти декември, тројцата студенти од ФТУ-Охрид ја освоија највисоката награда во категоријата „мистериозна кутија“ (Black Box), имајќи само 30 минути време да подготват врвен специјалитет со непознати намирници. Организаторот на фестивалот ги одликува македонските натпреварувачи со златни медали и им ја врачи Гран При наградата „Златно Тавче“, велат од ФТУ.

Во изминатиот период тимот напорно работеше под менторство на професорот Климент Наумов при Факултетот за туризам и угостителство, а во координација со м-р Момчило Цониќ од Лесковац, Србија, експерт од областа на готварството.

Сите тројца студенти учествуваа во категоријата сениори-практично во силна конкуренција од преку 700 натпреварувачи. Овие достигнувања на нашите студенти претставуваат огромен успех во промоцијата на македонската гастрономија во светски рамки, наведува професорот  Наумов.

Инаку, меѓународниот гастрономски фестивал Истанбул, кој по 18-ти пат го организира Федерацијата на готвачи и шефови на кујни на Турција (COCFED), се одржа во  Евроазискиот Саемски Центар. Настанот беше во заедничка организација со Светската асоцијација на здруженија на готвачи (WACS). На овогодишниот фестивал учествуваа повеќе од 3500 натпреварувачи од целиот свет.

 

OhridNews