Одлуката на грчката Влада за привремена затворање на копнените граници и забраната за влез во Грција на државјани на трети земји, е продолжена до 14 мај 2021 година, што значи дека јужниот сосед и понатаму останува затворен за македонските државјани, јави дописничката на МИА од Атина.

Претходната одлука беше издадена во понеделникот, а во Службен весник на Грција, веќе е објавена и новата што стапува во сила на 3 мај и ќе важи до 14 мај 2021 година до 6 часот наутро по локално време.

Според најавите од Грција од изминатиот период, се очекува за две седмици да бидат отворени копнените граници на Грција и да се укинат ограничувањата, а патувањето да биде или со негативен тест за Ковид-19 или со сертификат за вакцинација.

Засега, овие правила важат за 11 трети земји, како и за државјаните на земјите членки на ЕУ и Шенген зоната, кои согласно претходните одлуки се исклучок од забраната за влез и се ослободени од задолжителниот карантин.

Во сила, и понатаму е и новото правило воведено минатата седмица, според кое, задолжителниот ПЦР тест за влез во Грција важи и за деца кои наполниле пет години.

OhridNews