Одлуките за забрана за влез во Грција на државјани на трети земји и за ограничување на копнените граници со Северна Македонија, Турција и Албанија, грчката Влада ги продолжи за уште две седмици, односно до 5 април 2021 година, јави дописничката на МИА од Атина.

Согласно министерската одлука за „воведување мерки за привремено ограничување на копнените, воздушните и морските поврзувања на земјата, за забрана за влез во земјата на државјани на трети земји, освен од државите на Европската унија и Шенген зоната“ за да се ограничи ширењето на коровирусот што синоќа беше објавена во Службен весник на Грција, продолжени и дополнителните рестрикции за влез во земјата преку граничните премини Евзони со Северна Македонија и Какавиа со Албанија, како и задолжителниот карантин.

Граничните премини Евзони (Богородица) и Какавиа работат од 7 до 19 часот, по локално време, а дневно дозволено е во Грција да влезат најмногу 400 лица, додека пак задолжителен е домашен карантин од 14 дена.

На овие гранични премини, на сите, задолжително им се прави брз тест, вклучително и на возачите на камионите, а при позитивен резултат нема да биде дозволен влез.

Новите построги мерки, односно брзите тестови при влезот и работното време на граничните премини важат и за транспортерите, нешто што беше причина да реагираат камионџиите од Грција и Северна Македонија, кои на почетокот на месецов одржаа протест на Евзони (Богородица).

За странските државјани за кои не постои забрана, дозволен е влез само преку Бугарија, односно преку граничниот премин Промахонас (Кулата), кој работи од 7 до 23 часот по локално време и само со негативен молекуларен тест за Ковид-19 направен 72 часа пред пристигнувањето, но и доколку добијат негативен резултат од рапид тестот направен на влезот во Грција.

Од останатите гранични премини што се отворени, односно Евзони (Богородица) кон Северна Македонија, Какавија и кон Албанија и Кипи кон Турција, влезот во Грција е дозволен само за одредени категории и исто така со потврда за претходно направен негативен ПЦР тест и со негативен резултат од брзиот тест на самиот граничен премин направен од грчките власти.

Забраната за влез во земјата не важи за грчки државјани, за лица кои имаат дозвола за престој и лица кои живеат во Грција, за влез на лица со апсолутно неопходни професионални или медицински причини за кои имаат и потребни документи, за товарните камиони, како и за транзит на болнички возила кои од Косово преку Северна Македонија влегуваат во Грција за хоспитализирање на пациенти кои припаѓаат на дипломатскиот, воениот или административниот персонал на земјите членки на ЕУ и EULEX на Косово.

OhridNews