Одржана голема акција за расчистување на просторот кај местото „Паднати Борци“, во атарот на с. Велестово, по иницијатива на здружението „Енхелеус Лихнид“. На повикот од здружението одговорија над 20 активисти и волонтери, како и претставници од НП „Галичица“, „ЕКО- ФАП“, „Чист Охрид“, „Екотуризам 2016“ и членови на Црвен крст Охрид.
Направивме навистина убаво дело за нашиот Охрид. „Енехелеус Лихнид“ не престанува со акции за нашиот град и ги повикуваме граѓаните да ни се придружат во нашите активности за чист и поубав Охрид за сите. Благодарност до сите што ни излегоа во пресрет во оваа акција, вели претседателот на Здружението Мартина Крстаноска.
Од НП „Галичица“ порачаа дека грижата за паркот е заедничка обврска на сите граѓани на Охрид, велат дека преку ваквата заедничка акција е испратена порака како треба да изгледа природата во еден национален парк.
Инаку, Здружението „Енхелеус Лихнид“ викендов изврши уште една акција за расчистување на плажата кај Извиднички центар во населба Далјан. Од Здружението ги повикуваат граѓаните, доколку забележат одредена локација каде што е формирана депонија, да ги информираат за да може да биде преземена иницијатива.
Нашиот бисер непрекинато се нагрдува со несовесноста и негрижата од дел од граѓаните. Преку иницијативата “Граѓанин полицаец” ги охрабруваме сите граѓани ако забележат било каде депонија да сликаат и да ни испратат локација за да преземеме иницијатива да се исчисти истата, информираат од „Енхелеус Лихнид“.
Ваквите иницијативи и акции се преземаат со цел да се подигне еколошката свест кај граѓаните, како и градот да стане почисто и подобро место за сите, додаваат од здружението.
OhridNews




















