ГРК Охрид забележа убедлива победа над Еурофарм Пелистер 2 со 35:19, во натпреварот од осмото коло во ракометната Супер лига, одигран вечерва во СРЦ „Билјанини извори“.

Охриѓани ја оправдаа фаворитската улога и уште од самиот почеток наметнаа ритам кој противникот не можеше да го следи. „Гладијаторите“ ја имаа контролата врз играта и резултатот, а предноста постојано се зголемуваше до конечните +16.

Тренерот Борис Ројевиќ им даде шанса на сите ракометари, а распределбата на головите беше дополнителна потврда за тимската игра. Најефикасни беа Адама Кеита и Никола Зечевиќ со по шест погодоци, додека Косуке Јошида и Доминик Мате постигнаа по пет.

Добра вечер имаа и голманите. Дино Славиќ забележа 10 одбрани, а Бојан Блажески шест.

Статистика ГРК Охрид: Стрмљан, Ојлески 1, Јагуриновски 1, Јошида 5, Иванковиќ, Кеита 6, Карапалевски 1, Тасески 2, Савревски 1, Мате 5, Зечевиќ 6, Ивановски 2, Ѓукиќ 2, Ќосевски 3, Славиќ (10 одбрани), Блажески (6 одбрани).

Одличен меч. Комплетно сум задоволен од целиот натпревар. Сите играчи добија шанса и сите ја искористија. Испочитувавме сè што се договоривме, поправивме и некои работи во одбраната. Им честитам на момците. Ни претстои уште еден натпревар во првенството, по што следи ЕХФ пауза – изјави тренерот на ГРК Охрид, Борис Ројевиќ.

По осум одиграни кола ГРК Охрид се наоѓа на четвртото место со 13 бодови, три помалку од лидерот Вардар.

Фото галерија:

ГРК Охрид убедлив против Еурофарм Пелистер

Во следното коло „гладијаторите“ му гостуваат на Куманово, по што следува пауза во првенството поради ЕХФ неделата.

Г.М.
Фото: А. Момироска