ГРК Охрид во сабота во салата „Билјанини извори“ го игра реванш натпреварот од 1/4 финалето од ЕХФ Европскиот Куп против грчки Олимпијакос. „Гладијаторите“ имаат предност од 5 гола разлика од првиот меч одигран на гостински терен, но и стручниот штаб и играчите предупредуваат дека ништо не е готово и дека конечниот победник ќе биде одлучен по натпреварот во Охрид. Оттаму, потребна е максимална поддршка од трибините, велат од клубот кој денеска упати апел до навивачите за фер, коректно и достоинствено однесување, дотолку повеќе што на првиот меч одигран во Грција ГРК Охрид беше срдечно пречекан.
Апелот на ГРК Охрид го пренесуваме во целост:
Почитувани Охриѓани, симпатизери, навивачи и љубители на ракометот!
ГРК Охрид за градот од коло во коло на Европската сцена пишува историја! Одигравме одличен натпревар во Атина и се вративме како победници. Но, имаме уште 60 минути на домашен терен.
Бевме одлично примени од екипата на Олимпијакос и натпреварот помина во одлична ракометна атмосфера. Ја повикувам публиката, симпатизерите и навивачите во сабота да бидат 8-от играч на ГРК Охрид и ветер во грб на нашите гладијатори. Ве молам со фер и најкоректно навивање и поддршка за нашите момци да му помогнете на клубот. Транспарентите во преполната сала Билјанини Извори да бидат исклучиво за поддршка на нашиот клуб и Македонија, да ја оставиме политиката настрана и да му помогнеме на нашиот град да испишува историја!
Со почит,
Спортски директор
Славчо Ристески
Г.М.













