Поранешниот премиер Никола Груевски денес нема да оди во затворот во Шутка на издржување затворска казна. Иако денешниот датум стои во упатниот акт, се уште трае рокот за поднесување жалби, откако Кривичниот суд во петокот ја одби молбата на Груевски за одлагање на казната. Жалбите на четворицата адвокати на Груевски пристигнале вчера во судот, но како што најави одбраната, и Груевски ќе поднесе жалба, по што Кривичнниот совет составен од тројца судии во рок од три дена ќе треба да одлучи дали ќе ја прифати неговата жалба или пак ќе ја потврди одлуката на судијата за извршување на санкции.

Во спротивно, Груевски ќе треба да оди во затвор за издржување на двегодишната затворска казна за случајот Тенк.

Во меѓувреме, комисијата за мандатно-имунитетни прашања вчера одлучи со мнозинство гласови да му достави предлог на собранието да се одземе пратеничкиот мандат на Груевски.

За утре е закажана и седница во собранието на која како точка од дневниот ред е предлогот за одземање на мандатот на Груевски. За да се прифати, потребно е  е 2/3 мнозинство.