Она што ВМРО-ДПМНЕ го ветува е реално и остварливо, она што нашите политички опоненти го говорат се најчесто празни зборови и многу често нереални ветувања, затоа не може да им се верува, порача челникот на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на отчетот на партијата и коалицијата „За подобра Македонија“, што се одржа во Скопје.

„Нашиот народ е мудар и добро знае зошто гласа за нас и што е разликата меѓу нас и нив, а тоа е трудот, посветеноста и работата, држењето до дадениот збор“, рече Груевски.

„Нас нé разликуваат од нашите политички противници. Особено во едни многу сложени околности, какви што имавме кога правеа сé за да нé дефокусираат, оцрнат, оддалечат од она за што сме избрани од вас граѓаните на фер, демократски и легитимни избори. Ние не застанавме, продолживме да работиме на создавање дела, мерки и проекти што ќе го подобрат животот на сите граѓани во Република Македонија. Затоа, знаејќи дека успеавме да го направиме ова во еден исклучително бурен политички период, цврсто сме убедени дека по убедливата победа на следните парламентарни избори, ќе продолжиме да работиме посветено на создавање проекти, мерки и дела што ќе го подобрат животот на сите во нашата држава“, порача рече Груевски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ потоа го започна отчетот пред граѓаните за исполнетите дела и ветувања, потенцирајќи дека трудот што го вложила владејачката партија се темели на дадената доверба од самите граѓани и поддржувачи на политиките на партијата.

„Пред вас денеска се наоѓа капитално дело кое е компилација од нашиот труд во изминатите години, а се темели на дадената доверба од вас, граѓаните, народот, поддржувачите на политиките на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија. Во овој отчет се опфатени проекти во периодот од 2014 до 2016 година, но и некои поголеми и значајни проекти кои започнале или се реализирале до 2014 година“, рече Груевски признавајќи дека на неколкуте стотини страници тешко може да се презентира што сé е сторено.

„Но едно е важно, фактот дека најголем дел од ветено е остварено или почнало да се остварува. Има и многу работи кои не се ветени, а се остварени по барање на граѓаните тоа нé прави поразлични. Вредноста во политиката не е она што ќе го кажат, туку тоа што ќе го направат политичарите за државата, делата треба да зборуваат за нас, не за нашите зборови. Дадениот збор за нас во ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија претставува завет пред граѓаните, а делата го сведочат тоа, проектите им помагаат на луѓето и им го прават животот поразличен и подобар, поквалитетен во повеќе сегменти. Покажавме како изгледа да се гради, да се грижиш за своите граѓани, да помагаш, да решаваш проблеми, реформи“, додаде Груевски.

Поради тоа, како што истакна во продолжение, избирачите денес лесно можат да направат споредба од некогаш и денес.

„Нашата работа донесе нови работни места чиј број на новоотворени работни места достигна 150.000. Од 560.000 вработени на над 710.000 во Македонија. Платите на просветните работници се во постојан раст, најниската од 2006 година до денес е зголемена за 119 отсто а највисоката за 67 отсто, пензионерите просечна пензија е зголемена за над 70 отсто, најниската за повеќе од 90 проценти“, конкретизираше Груевски.

Натаму челникот на ВМРО-ДПМНЕ, пред од своите ресори податоците да ги изнесат министрите од неговата партија, додаде дека ползата од политиките што ги спроведува неговата влада ги почувствувале и земјоделците, истакнувајќи дека за нивна поддршка биле вложени 1,55 милијарда евра.

Груевски, исто така, рече дека покажале како треба да се унапредува здравство, преку градење болници и клиники, и набавка на многу современа медицинска опрема вредна над 100 милиони евра, но и едукација на докторите во странство за да ги научат и применат во Македонија најновите методи за дијагностика и лечење на различни болести.

„Грижата за иднината на држава се гледа во образованието преку шансата за запишување на универзитет преку двата новоотворени државни универзитети, зголемените стипендии и намалени партиципации, можност за студирање во странство, трошок покриен од Буџетот. Граѓаните знаат што значи да се обновува инфраструктурата. Градиме три нови автопата, над 510 регионална и 750 километри локална патна мрежа“, рече Груевски истакнувајќи дека споменатите и уште повеќе од 3.500 други проекти, мерки, реформи се реализирани во неколку последователни години во настојувањата земјата да биде посилна и помоќна

„Ова е разликата. Делата нас нé прават поразлични од другите политичари кои само ветуваат брда и долини и не испорачуваат резултати. Резултатите преточени во дела не разликуваат од останатите, она што го ветуваме е реално и остварливо. Отчетот е доказ за тоа“, заклучи Груевски.

OhridNews
Извор: „Макфакс“