Не се сомневаме во неговите добри намери. Не се сомневаме ниту пак во законитоста или уставноста на неговата одлука, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на денешната прес конференција, која како што рече, следува откако вчера се извршиле низа анализи по одлуката за аболиција на претседателот Иванов. Сепак, рече, Груевски, прво сакаме уште еднаш силно да се оградиме од оваа одлука на Претседателот, бидејќи не е во склад со нашите заложби и му помага на СДСМ, спротивна е на многу наши заложби. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека тој кој направил криминал треба да одговара. Второ, никој во ВМРО-ДПМНЕ не се чуствува за виновен. Оттука никој од нас не посакуваше да има прекин на постапката за која Иванов донесе одлука. И покрај очигледното непрофесионално однесување на структурите на СЈО и завземањето страна, во случајот директно ставајки се на страната на СДСМ, ние сме убедени дека низ правна постапка ќе се покажеше вистината, и фактот дека многуте кривични пријави поднесени против наши функционери, и неколкуте отворени истраги, се само дел од кампањата на СДСМ немајки идеја што друго да направи и понуди на народот во смисла на добри идеи за подобрување на животот на граѓаните. Всушност народот веќе го има препознаено сето ова. На убедливото мнозинство граѓани му е совршено јасно, што се случува во земјата, рече Груевски.

Тој додаде дека од партијата изразуваат жалење што оваа одлука значи ослободување од гонење на Зоран Заев и Зоран Верушевски, како и неколкумина други нивни соработници.

– Овие двајца луѓе, ставајки се во туѓ интерес, и нанесоа огромна штета на државата и народот, и тие требаше да одговараат. Против Зоран Заев има легално прибавени цврсти докази за случајот Поткуп, заради што тој ги избегнуваше рочиштата и бегаше од судот. Не треба многу да говорам за случајот Поткуп затоа што толку многу е јасно и видливо што Заев правеше, така што се им е јасно на луѓето. Против Заев имаше и процес за случајот Пуч. Исто како и против Зоран Верушевски, со цврсти и легално прибавени докази. Колку и да бегаа од судот, колку и да сметаа на подршката на СЈО,  доказите за овој случај, за прислушкувањето со помош на агентите на Верушевски, кои континуирано со години организирано вршеле прислушкување и урнисување на државата, беа непобитни. Интересот на СДСМ е во земјата да има анархија, да има безредие и хаос. Но, тоа не е интерес на граѓаните и на ВМРО-ДПМНЕ. Наш заеднички интерес е земјата да оди напред, демократијата да функционира, одлуките  на слободни и фер избори да ги ностат граѓаните, рече Груевски.

Тој додаде дека СДСМ заедно со соросовите здруженија и НВО и онака планирале овие денови да прават протести секој ден со цел влошување на атмосферата и ескалација на состојбите, а со крајна цел избегнување на изборите.

– Заев не криеше дека нема да оди на избори. Тоа беше негова стратегија. Сега само малку ќе ја видозменат реториката,  искористувајки ја одлуката на Претседателот како главна причина за избегнувањето на изборите, и ќе го прават она што го планираа. Деструкција, говор на омрза, истурање гнев, насилства, хаос, криза, сеење лаги и манипулации од типот дека списоците не биле прочистени и дека нема услови за избори и слични лаги со кои сакаат да го покријат немањето подршка од мнозинството граѓани, кое главно се должи на нивната безидејност и деструкција.Наспроти нив, ние се насочуваме кон човекот во Македонија, кон неговите потреби, кон неговите проблеми, кон подобрата негова иднина. Кон секој човек, кон сите проблеми, кон сите предизвици, кон сите нерешени прашања, кон отвораање на нови работни места, кон нови рефоми и дела, изјави Груевски.

Ги повикува СДСМ, како што рече, наместо да продолжат да бараат алиби за неизлегување на изборите, да излезат на избори.

OhridNews