Групата „Чардак“ од Охрид со голем хуманитарен концерт што ќе се одржи вечерва, 9-ти мај, во Центарот за култура „Григор Прличев“, ќе одбележи 20 години од постоењето. 

-Деновиве славиме 20 години постоење, активност, дружење, музицирање, уживање на еден “сон” на истомисленици со ист интерес, секако музиката пред се’. За овие години влеговме во илјадници домови, друштва, локали, со песна и насмевка го прошетавме светот, бевме секаде каде што се славеше љубовта, верата, другарството…бевме сведоци на многу љубовни приказни кои се раѓаа и преку брак продолжуваат низ животот, околу нас секогаш имаше насмеани лица со кои сме уживале во најубавите моменти од нивните животи, велат Џеват, Златко и другарите од „Чардак“.

На концертот „Чардак“ ќе изведат дел од познатиот репертоар кој групата го гради изминатите две децении. Гости на вечерта ќе бидат познатите естрадни уметници: Наум Петрески, Елена Велевска и Татјана Стефановска. На оркестарот ќе се придружат и инструменталистите Митко Бежаноски, Симе Нелоски, Бајрам Рамаданоски и Фадил Исмаилоски на сакс. 

Средствата од влезници и донации кои ќе се собираат во специјални кутии на Црвениот крст ќе бидат донирани на семејството на малата Мила Димоска која боледува од дистрофија.

Kонцертот на групата „Чардак“ почнува во 20 часот.

OhridNews