Референдумот е уникатна можност да се донесе важна одлука со далекусежни последици, порача еврокомесарот Јоханес Хан на одржаната прес конференција по средбата со премиерот Зоран Заев во Скопје. Тој додаде дека на 30 септември, граѓаните имаат единствена можност да ја определат својата иднина и дека е одлука што ќе има влијание врз граѓаните, нивните деца и на идните генерации кои се уште не се ни родени.

При тоа, Хан повторно искажа поддршка за договорот меѓу Македонија и Грција.

– Договорот е силно поддржан од меѓународната заедница зашто е чувар на земјата и на евроатлантските перспектива, но одлуката за него е одлука која граѓаните независно треба да ја донесат. Тоа ќе биде важен прилог за земјата и за регионот. Останува на вас да решите на 30 септември. Вратата на ЕУ е отворена, но вие решавате дали ќе ја искористите можноста. Нема време за губење, порача Хан.

За секојдневните посети на високи државници Хан рече дека тоа е доказ колку се цени спогдбата со Грција и како на неа гледа меѓународата заедница.

  • Во светот имало многу долготрајни конфликти, а ова е редок пример на нивно решавање, што е поздравено од меѓународната заедница. Тоа поттик за сите и покажува дека дури и замзрнатите конфликти можат да се решат ако има добра волја, лидерство и одлучност, рече Хан.

Хан потенцира дека политичките партии треба да се воздржат од злоупотребување на референдумот за партиски цели и дека во ваков крупцијален момент не е момент да се играат политички игри.

Премиерот Заев посочи дека најважната одлука до почеток на преговорите со ЕУ ќе ја направат граѓаните на 30 септември.

Македонскиот премиер оцени дека секоја средба со лидерите на Европската унија во оваа фаза на патот кон ЕУ е огромна поддршка и оти круна на напредокот на државата ќе бидат претпристапните преговори со Унијата.

OhridNews