Македонија постигна многу во изминатите две години од почетокот на кризата, тргнувајќи од Пржинскиот договор па спроведувањето на изборите кои беа признаени од страна на меѓународната заедница, но, сепак, тоа не е крајот и сега е време за формирање влада со стабилно мнозинство, изјави во Скопје еврокомесарот за соседска политика и пристапни преговори Јоханес Хан.

Хан повтори дека во земјата е дојден само за да ги ислуша политичките лидери во поглед на нивните позиции за формирањето на владата и дека Брисел нема да дава никакви препораки околку конечниот резултат, но дека „што постабилно мнозинство има во парламентот, толку подобро за земјата и граѓаните“.

„Изборите беа важен чекор, но сега треба да имаме влада која ќе биде одговорна за претстојните предизвици, важно е новата влада да се посвети на европската перспектива. Нема да даваме совети до ниедна партија но сите треба да бидат свесни за сопствената одговорност, сега се работи за интересот на државата и граѓаните. Кај мнозинството има јасен интерес за европерспективата, што значи дека претстојат многу предизвици и одлуки, и целта е да се подобрат многу услови во земјата. Што поскоро се формира влада, тоа подобро. Кога разговараме за владеењето на правото и демократијата, како и суверенитет, тогаш тие работи треба да се решат во земјата од страна на домашните политичари“, рече Хан.

Запрашан околу тоа што значи апелот на Европската комисија за „широка коалиција“, Хан одговори дека станува збор за влада која ќе има „широка основа“.
„Постојат многу предизвици, што постабилно мнозинство има во Парламентот тоа подобро, но конечните одлуки треба да се донесат од политичарите, тие се важни во процесот. Демократското мнозинство е од големо значење, имаме резултат, тој можеби е изненадувачки но е разултат, гласачите се секогаш во право, сега партиите треба да изберат влада која што ќе ја води земјата во наредните четири години. Ова е тоа што е битно и демократските одлуки треба да бидат почитувани од страна на сите. Понатаму ќе треба да разговараме и за препораката на почеток за преговори и важно е како ќе напредува земјата“, порача австрискиот еврокомесар.

OhridNews
извор Макфакс