Звукот на хеликоптерите и експлозиите на пиротехнички средства на градското пристаниште, кои се употребуваат во подготовките за големата вежба на полицијата што ќе се одржи на 5-ти мај, ги вознемирија туристите, но и охриѓани.

– Туристите се збунети и прашуваат што се случува, не им се верува едноставно. Центарот на градот не е место за вакви вежби, не само поради впечатокот и реакциите на луѓето, туку и од безбедносни причини. Доколку не дај боже дојде до некаков дефект на летало или друга опрема што се употребува во вежбата, може да има фатални последици. Има посоодветни места на езерото каде можат да се изведуваат вакви вежби. – вели во разговор за OhridNews еден поискусен член на охридската флота.

Полицијата вчера соопшти дека подготовки за вежбата што ќе се реализира по повод 7-ми Мај, Денот на македонската полиција, ќе има и во наредните денови.

-Се информираат граѓаните да не се вознемируваат бидејќи во текот на подготовките ќе се употребуваат техничко-тактички средства и опрема и ќе се гледаат и слушаат симулации на решавање на разни ситуации од страна на полицијата. – соопшти СВР Охрид.

OhridNews