“Сиромашните на летување. Многу евтини одмори во Македонија и Албанија. Само жените чинат пари.” Со овие провокативни зборови на насловната страница познатиот холандски магазин “Nieuwe Revu” го опишува туризмот во Македонија. Новинар од овој медиум летово ја посетил охридската ривиера. Тој себеси се нарекува “кризатурист“.

Во последниве години Македонија треба да се гордее со позитивни и добри стории во разни холандски печатени медиуми. Од сериозни весници до секакви туристички списанија. Се до сега спомнато и 100 пати нагласено околу: езерото, културата, историјата, црквите, изворите, гастронимијата…. И “Nieuwe Revu” ја истражуваше Македонија, заедно со Албанија. Во свој стил, со свои интереси и со свој речник. Тие се фокусираат исклучиво на млади читатели. Со сериозни и звучни теми, со опуштен стил. Директно и конкретно. Токму така како што сакаат младите. Да е интересно, забавно, кратко, без непотребни заморни детали и факти. Едноставно: авантуристички.

Новинарот на ироничен и провокативен начин вели во текстот: “Македонија досега само ја знаев како непозната држава покрај фудбалот. Кога Холандија требаше да игра тука квалификации за светско првенство. Но последниве години гледам по билборди Македонија, Македонија…” Во текстот уште наведува како уживал во престојот во Охрид. “Иако сме со години во економска криза, Холанѓаните не се предаваат и си користат одмор, криза или не, бараат евтини алтернативи. Посетив две држави во Европа кои се поевтини од Турција и Бугарија. Се одморив во две балкански држави каде што јадењето и пијалокот се гратис, пиво и пица без пари.” -пишува авторот.

На откачен начин нагласува дека со холандски буџет неможе да се потрошат парите во 8 дена. Дека се е исплатливо. Пишува дека уживал на плажа, на лежалки, со коктели, во ноќниот живот, бил на екскурзии и се возел за 3 евра со такси. Заклучокот му е: “Да живее одморот за сиромашните. Имало и за вакви луѓе излаз.”

Владо Велјаноски
новинар на холандската телевизија НОС Студио Спорт