Хотел ,,Гарден”, е новиот хотелски бисер кој заблеска на Охридското крајбрежје. На свеченото отворање на овој современ сместувачки објект, кое се одржа вчера, присуствуваа голем број охриѓани како и претставници на туристичката фела од Охрид. Домаќините ги пречекаа гостите на традиционален македонски начин со погача и сол, а свечениот коктел беше зачинет со староградска  музика и богата трпеза.


Новиот менаџерски тим на хотелот, најави максимална ангажираност, квалитет и професионален однос кон туристите. 

-Хотелот “Гарден“ нуди 28 декорирани соби со пространи тераси од кои најбројните се со поглед кон езерото, семинарска сала, ресторан со највкусната храна од националната и интернационална кујна, огромна тераса во дворниот дел и сопствен паркинг простор, велат менаџерите на хотелот. Тие се надеваат дека со подготвената понуда и пристапните цени ќе успеат да привлечат голем број туристи.

Ресторанот кој функционира во  рамки на хотелот  ,,Гарден“ има капацитет од 80 седишта и е иделено место за  семејни и деловни прослави.

-Во ресторанот кој има пријатен амбиент, гостите можат да уживаат во музиката на познатите охридски чалгии, во одлична храна и во најдоброто македонско вино. Со намера да се задоволат вкусовите на големите гурмани но и за најпребирливите гости, вештите готвачи приготвуваат највкусни и многубројни специјалитети од домашната и интернационалната кујна, велат од менаџерите на хотел ,,Гарден”.


Исто така хотелот располага со добро опремена семинарската сала која има капацитет од  околу 30 лица.

OhridNews
Фото: Кирил Јорданоски