Хотелските капацитети долж охридското крајбрежје и за новогодишните празници ќе бидат минимално исполнети. Крсте Блажевски, претседател на ХОТАМ, вели дека најверојатно, новиот бран на пандемијата го направи своето, како и мерките што треба да се почитуваат.
Имавме барање од бугарските туристи кои изминативе години беа најмногубројни за новогодишните празници, но во последен период сите откажаа. На хотелите не им се исплати да прават дочек со пола капацитет на салите, зошто торшоците се големи. Така да во понудата останува само ноќевање со појадок, која не е многу интересна поготово за странските гости, вели Блажевски.
Додава дека дополнително и со оглед и на целокупната ситуација со Ковид кризата, Охрид и Струга немаат што да понудат во поглед на програма во овој период околу новогодишните празници, а програмите за дочек ги правеа самите хотели.
Сето ова се одрази на побарувачката која барем засега е намалена за 60%. Останува да видиме уште овие недела, две како ќе се одвиваат работите, евентуално со попусти во последен момент да можеме да добиеме некоја поголема бројка на туристи, додава Блажевски.
Инаку, како што претходно беше најавено во Охрид за новогодишната вечер ќе има скромен настан на градскиот плоштад на кој ќе настапат само охридски изведувачи кои ќе ги забавуваат гостите, а од локалната најавија дека се очекуваат странски гости, па градот ќе биде украсен.
Н.С.Ј.













