Премиерот на Република Македонија Христијан Мицкоски на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“, денеска го пречека претседателот на Владата на Хрватска, Андреј Пленковиќ.

Мицкоски и Пленковиќ ќе имаат тет-а-тет средба, по што ќе следува состанок на двете делегации, како и потпишување договори за стратешка соработка.

Оваа средба претставува потврда за добрите односи и пријателството помеѓу Македонија и Хрватска, како и важноста на меѓусебната соработка, европските вредности и регионалната стабилност, вели Мицкоски.

Премиерот Пленковиќ е придружуван од вицепремиерот и министер за поморски работи, транспорт и инфраструктура Олег Бутковиќ, вицепремиерот и министер за одбрана Иван Анушиќ, министерот за економија Анте Шушњар и државниот секретар во Министерството за надворешни и европски работи Франо Матушиќ.

Министерот за економија Анте Шушњар и министерката за енергетика, рударство и минерални ресурси Сања Божиновска ќе потпишат Меморандумот за разбирање во областа на енергетиката меѓу Министерството за економија на Република Хрватска и Министерството за енергетика, рударство и минерални ресурси на Северна Република Македонија.

Потоа ќе следува Бизнис форум на кој обраќања ќе имаат двајцата премиери. Претседателот на Стопанската комора на Република Северна Македонија, Бранко Азески, ќе им додели награда на премиерот Андреј Пленковиќ и премиерот Христијан Мицкоски за нивниот придонес во регионалната бизнис интеграција.

OhridNews

фото. Влада