Вчера, во Култ Културен центар во Охрид, беше отворен Хуманитарен книжевен базар за помош на издавачката куќа Антолог, чии изданија беа оштетени во поплавите.
Базарот функционира на принцип на донирани книги: граѓаните оставаат книги од сопствените домашни библиотеки, кои потоа се продаваат по симболична цена од 200 денари. Целиот собран приход директно се донира на Антолог, велат организаторите.
Посочуваат дека отворањето на базарот привлекло бројни читатели, заинтересирани и да помогнат и да си вдомат нова книга.
Книгите ќе бидат изложени во Култ Културен центар до сабота, а во тој период секој заинтересиран сè уште може да посети и да си вдоми книга со донација од 200 денари, потенцираат.
Организатори на настанот се здружението Креативна верига од Охрид и Култ Културен центар од Охрид.
OhridNews












