Во просториите на општинскиот Црвен крст од неодамна функционира соба за музикотерапија, наменета за деца со пречки во развојот, поблага попреченост, но и за оние кои немаат проблеми во развојот.

Како што потенцираат стручните лица, основната цел е воспоставување на комуникација со децата преку музика, како и подобрување на крупната и фината моторика и концентрацијата.

– На децата им пуштаме музика од познати композитори, од цртани филмови за да можат да се релаксираат и и со наша помош да работаат на подобрување на нивните сопособности. Гледаме дека тоа им годи, со радост доаѓаат тука што ни е навистина драго и затоа апелираме до родителите да ги носат своите деца во посета на собата за музикотерапија, вели дефектологот Марија Ѓорѓиоска.

Со децата работи тим од дефектолози и психолози. Часовите се одржуваат секој петок со почеток во 13.30 часот.

Музикотерапијата е метода за лекување со музика, рехабилитација и образование на децата и возрасните кои страдаат од физички, ментални или емоционални пореметувања. Целта на музичката терапија е да опушти, да го стимулира и активира пациентот, за да се ослободи од внатрешниот емотивен набој, и да му се даде поддршка во изразувањето на емоциите, за дружба и за рехабилитација од секојдневниот стрес.

OhridNews