Малдиви, Бали, Тајланд, Куба, Дубаи, Кина, Сицилија, Шпанија, Азурниот брег и Египет се дел од ексклузивните дестинации кои ова лето се избор за нашите сограѓани кои сакаат луксузно да летуваат. Од охридските туристички агенции кои нудат вакви патувања велат дека од година во година се зголемува бројот на охриѓани кои уплатуваат аранжмани за атрактивни и скапи туристички места или за крстарења.

-Освен однапред креираните аранжмани нашата туристичка агенција нуди индивидуални пакет аражмани, креирани по желбите на клиентот. Тоа се – избери дестинација, избери услуга, избери термин, одлучи колку дена! Таквите аранжмани се најчесто продавани и тоа со сопствен превоз за соседството, а со авионски превоз за Италија, Шпанија, Азурен брег, Куба, Малдиви, Бали и Дубаи како и за други дестинации насекаде низ светот. Ексклузивно оваа година  во соработка  со партнери од странство, понудата е збогатена со програмите за Кина, Тајланд, Крстарења по Медитеранот како и прекуокеанските крстарења, а во подготовка  се  програмите за Сингапур, Куала Лумпур и Кореа, вели Јаким Маленко од Туристичката агенција „Вис Пој“ од Охрид.

Тој истакна дека една од поатрактивните дестинации ова лето е Дубаи, за каде што се нудат индивидуални пакет аранжмани и супер ексклузивен аранжман за 11 Октомври – „Дубаи бисерот на Персискиот Залив“ со богата  содржина и програма. 

Цените за организираните ексклузивни патувања се различни и освен од атрактивноста на дестинацијата истите зависат од типот на хотелот, видот на услугата, терминот на користење на услугите, категоризацијата на собите и други фактори.

-За цените за ексклузивните програми и дестинации е навистина тешко да се зборува, затоа што треба многу простор и објаснување. Интересно е да се напомене дека се доста поповолни од минатото, а тоа ги прави подостапни до корисниците. Освен од Охрид, клиенти имаме од цела Македонија, а за аранжманите за Дубаи имаме и клиенти од странство. Резервации има и се постојано во  пораст. Интересот за најекслузивните аранжмани се зголемува, а претежно корсниците се наши редовни клиенти, кои комплетно ги користат сите услуги на нашата агенција, појаснува Маленко.

Тој потенцира дека освен за ексклузивите дестинации зголемен е интересот и за програмите со all inclusive услуга.

Туристичките агенти велат од година во година има евидентно зголемување на бројот на туристи кои ги планираат и реализираат своите летувања преку лиценцирана туристичка агенција.

-Во споредба со претходните години, интересот за сите дестинации и аранжмани е во пораст, а по нашите согледувања покрај другите фактори на тоа влијаат и лошите искуства што многу од луѓето ги доживеале тргнувајки неорганизирано на одмор, без обезбедени резервации, или користејќи непознати интернет портали на кои се здобиле со нецелосни и оскудни податоци. Затоа постојат лиценцирани агенции кои ги контролира и категоризира државата и кои целосно одговараат пред државните фактори за усмерување и заштита на правата  и интересите  на корисниците на туристичките услуги, велат од Туристичката агенција „Вис Пој“.

Инаку цените за стандардните аранжмани кои се најпродавани оваа сезона во Македонија, со авионски превоз од Скопје се движат од 400 евра па нагоре. На пример за Анталија, во хотел 5 ѕвезди цената за седумдневен аранжман е над 500 евра. Десетдневен аранжман за Сицилија во хотел со 3 ѕвезди е над 550 евра, а деседневен пакет аранжман за Египет во хотел со 4 ѕвезди чини над 435 евра.

Е.М