Владејачката СДСМ и опозициската ВМРО ДПМНЕ го поздравија денешното распишување на локалните избори кои ќе се одржат на 15 октомври. И двете партии се уверени во изборна победа.

-Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е подготвен за локалните избори што по промената на централната власт, ќе донесат промени и на локално ниво. Поддршката што граѓаните ја даваат на СДСМ и проектите што носат живот за сите, секојдневно расте. Тоа е видливо и од нашите секојдневни средби со граѓаните и од општата атмосфера на слобода што владее во изминатите два месеца. Со победата на СДСМ на претстојните локални избори, започнатиот процес на реформи и ослободување ќе продолжи и на локално ниво. По промената на локалните власти целосно ќе запре партизацијата и заробеноста на инстутициите на општинско ниво, што денес во голем број се заробени и партизирани од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Граѓанската опција предводена од СДСМ носи нови вредности и нови придобивки. Општините ќе работат за граѓаните и олеснување на нивниот живот. Граѓаните во центарот на вниманието и решавање на нивните проблеми и на локално ниво ќе биде реалност.– рече координаторо на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев.

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ е целосно подготвена за настап на локалните избори каде што очекуваме со нашата програма и кадровска понуда да освоиме најголем број на гласови на локалните избори, најголем број на советници во споредба со другите политички партии и најголем број на градоначалници споредбено со другите политички коалиции, вели членот на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ Антонијо Милошоски. 

Локалните избори на 15-ти октомври нема да бидат обични локални избори. Многу прашања не добија одговор од актуелната власт на Заев, Ахмети и Села. Прашањето за двојазична Македонија не беше ветено пред изборите, а денес е товар на незадоволството и достоинството на македонските граѓани. За тоа прашање исто така граѓаните ќе можат да го дадат своето мислење на 15-ти октомври. Македонско – бугарскиот договор кој што е штетен, неспособноста да се излезе во пресрет на потребата на гасење на пожари и депонии, неспособноста да се исполни ветувањето за 100.000 денари лекарска плата, неспособноста и молчењето да се обезбедат 500 евра за просечна плата како големо изборно ветување и не давањето на одговори на прашањето зошто е направена стратегија Македонија да стане земја на бегалци и мигранти за кои што ќе се плаќа од нашиот буџет наместо да им се помага на нашите граѓани. Сите овие прашања и дилеми ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните и секој наш државјанин ќе можат да ги одговорат на 15-ти октомври и да го дадат своето мислење затоа што нивната оценка и нивниот глас е поважен од секое нереализирано ветување или од секоја пост изборна измама на господинот Заев. – истакна Милошоски.

OhridNews

Заев: Кандидатот за градоначалник на Охрид ќе го одредат анкетите